Премиерот Заев во посета на Берлин по поддршка од Меркел

Денес премиерот Заев во пресрет на самитот на Европскиот совет што треба да се одржи на крајот на јуни во Брисел, на кој треба да се утврди датум за пристапни преговори на нашата земја со ЕУ, заминува во посета на Германија каде очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел во однос на добивањето на датумот за преговори.
– Во четврток очекувам позитивна порака од канцеларката Меркел со прецизни агенди и детали затоа што сите земји немаат никаква дилема ниту каков било аргумент против за добивање датум за Северна Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Само треба да знаеме кога ќе бидат донесени конкретните одлуки. Премиерот Бабиш ќе ни помогне на Европскиот совет, ќе ја отвори дебатата, верувам дека романското претседателство ќе не стави на дневен ред заедно со претседателот Туск затоа што секоја позитивна порака е мотивирачка за нас да продолжиме понатаму, рече вчера Заев на заедничката прес-конференција со неговиот чешки колега кој престојуваше во официјална посета на земјава.
Заев нагласи дека политичките одлуки во земјата за тоа дали ќе има реконструкција на Влада или предвремени избори ќе зависат токму од одлуката на Европскиот совет, како и од пораките и јасното соопштување за извесните чекори коишто ќе му ги пренесе канцеларката Меркел на средбата што треба да се одржи во четврток. Убеден е дека земјата ќе добие датум за преговори.
-Нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори, важно е тоа да биде порано. Важно е да знае ЕУ дека таа за нас е атрактивна затоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре, но и да го држи процесот отворен за привлекување на новите земји кандидати за членство во ЕУ и верувам дека тоа ќе се случи. Оваа мотивација од ЕУ за нас е важна за да продолжиме понатаму, одговори Заев на новинарско прашање дали има донесено одлука за која од трите можни опции (реконструкција на Владата, предвремени парламентарни избори, враќање на мандатот) се одлучил, а кои тој претходно ги најави во случај да не добиеме датум за преговори.