Премиерот Заев го менува телефонот, а “метлата“ ќе замете и во неговиот кабинет

Loading...

По скандалот со лажниот Порошенко премиерот Заев го менува својот телефонски број. Во писмено соопштение од Владата информираат дека премиерскиот кабинет презема мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста, во како што велат “спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации“. Истовремено, од Владата информираат дека по направената анализа премиерот Заев ќе им се заблагодари за соработката на дел од ангажираните лица во премиерскиот кабинет.
–  Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.
Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.
Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка.
Согласно најавата за одлучно спротивставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата – се наведува во соопштението на Владата.

loading...