Премиерот Заев очекува МВР наскоро да открие каде е Игор Спасов

Откако Штипскиот суд распиша национална потерница за Спасов, кој по привремениот отпуст поради лекување не се врати во затвор каде издржува 14-годишна затворска казна, денес одговарајќи на новинарско прашање премиерот Зоран Заев изјави дека очекува наскоро истрагата за бегството на осудениот Игор Спасов да го пронајде поранешниот полициски специјалец осуден за убиството на Мартин Нешковски. Тој исто така додаде дека институциите постапиле согласно законот и оти биле запазени сите процедури.
– Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Институциите постапуваат согласно законот, секако и во делот на правото на кој било затвореник или човек кој ја извршува својата казна – правото на викенд и правото за одмор. Постапено е согласно сите процедури. Верувам дека истрагата многу брзо ќе соопшти што се случува односно каде е господинот Спасов, изјави Заев по посетата на реновираниот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во меѓувреме се појавија информации дека, наводно, Спасов пребегал за Турција.

Loading...