Претепаното двегодишно дете e добрo и денеска ќе биде пуштено дома, таткото во притвор

Министерството за труд и социјална политика е запознаено и постапува по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди на 9 август е примено на Детска хирургија. Веднаш по пријавувањето на случајот дека таткото, односно сопругот, извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка односно сопруга, специјализираниот стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излезе на терен, информира Министерството.
На таткото му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена, а здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома. Останатите 3 деца кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Воедно, Центарот ќе иницира постапка за изрекување мерки за времена заштита од семејно насилство.


Семејството е познато на Центарот и по претходни пријави за семејно насилство. Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена.
Новиот случај на семејно насилство во Скопје го откри полицијата во утринскиот билтен. Татко си го тепал двегодишниот син до онесвестување по што ги заклучил другите деца во соба, а ја претепал и сопругата кога сакала да им помогне. Детето е задржано во болница на лекување, а татко му е приведен во полиција.
Станува збор за 47-годишен скопјанец Ф.С. против кој е поднесена кривична пријава од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје. Според полицијата, тој извршил две кривични дела- телесни повреди во вршење семејно насилство, казниво по член 130, став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.