Претседателот на Шри Ланка не успеа да избега од земјата

На претседателот на Шри Ланка не му било дозволено да ја напушти земјата

Претседателот на Шри Ланка не успеа да избега од земјата

Претседателот на Шри Ланка остана во земјата откако денеска беше изложен на понижувачки однос од персоналот за имиграција на аеродромот во Коломбо, при што не му е дозволено да ја напушти земјата, соопштија денеска официјални извори.

Готабаја Раџапакса (73) вети дека в среда ќе поднесе оставка и на тој начин ќе отвори можност за „мирен трансфер на власта“ во земјата, по големите протести против него поради невидената економска криза во земјата.

Официјалните претставници во Коломбо соопштија дека Претседателот ја напуштил својата официјална резиденција, непосредно пред десетици илјади демонстранти да упаднат во комплексот. Намерата на Раџапакса била да отпатува за Дубаи.

Раџапакса како претседател ужива имунитет, така што се смета дека сакал да замине во странство пред да поднесе оставка за да ја избегне можноста за апсење.

Кабинетот на претседателот не дава коментар за тоа каде се наоѓа претседателот, но Раџапакса останува врховен командант на вооружените сили со воени ресурси на располагање. Се уште е отворена опцијата тој да отплови со воен брод за Индија или Малдивите, изјави извор од секторот за одбрана.

Ако Раџапакса се повлече од функцијата како што вети, премиерот Ранил Викремесинг по автоматизам станува вршител на должноста претседател додека Парламентот не избере пратеник кој ќе го служи претседателскиот мандат до ноември 2024 година.

Шри Ланка не успеа да го сервисира својот надворешен долг од 51 милијарда долари во април и води преговори со ММФ за можна финансиска помош. На островот речиси се исцрпени и онака оскудните резерви бензин. Владата нареди затворање на несуштинските канцеларии и училишта за да заштеди гориво.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.