Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната украинска амбасадорка, Лариса Дир

Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир.

„Да се биде амбасадор на Украина во овие тешки времиња за земјата, која е жртва на брутална агресија од страна на Руската Федерација, е исклучителна задача. Доаѓате во пријателска држава која секојдневно сочувствува со Вас и затоа Ве уверувам дека ќе ја имате нашата целосна поддршка, а сите наши институции ќе го олеснуваат Вашето работење и ќе се обидат да помогнат на сите можни начини“, истакна претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на амбасадорката Дир.

Претседателот посочи дека Република Северна Македонија целосно и недвосмислено го поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина во нејзините граници до 2014 година.

„Нашата земја досега пружи различни видови помош на пријателскиот украински народ и бидете уверени дека тоа ќе го правиме се додека биде потребно. Отворено ја поддржавме Вашата земја при добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ. Можеме само да му посакаме на пријателскиот украински народ, периодот до почетокот на преговорите со ЕУ да биде со помалку пречки и пократок од оној кој ние го изодевме“, порача во обраќањето претседателот Пендаровски.

Тој искажа уверување дека Северна Македонија и Украина ќе продолжат со позитивниот развоен тренд на односите и соработката во сите области и го потенцираше интересот на нашата земја за јакнење на економските врски за кои изрази надеж дека ќе помогнат во обновата на Украина.

Амбасадорката на Украина се заблагодари за помошта што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина, како и за поддршката на меѓународна иницијатива „Платформа за Крим“.

„Помошта од надлежните институции, загрижените граѓани и претприемачите е многу активна. Северна Македонија веќе има доставено повеќе од 230 тони хуманитарна помош во Украина, а дополнително и ја обезбеди на Украина потребната материјална и техничка помош во воено-техничката област. Северна Македонија е на вистинската страна на историјата: самоуверено се движи кон членство во Европската Унија, одобрува важни одлуки во НАТО, се приклучува кон витално важните безбедносни резолуции во ОН. Цврсто верувам дека Вашата земја, која ќе претседава со ОБСЕ следната година, заедно со Украина, секогаш ќе ги брани нашите заеднички цивилизациски вредности“, истакна во говорот амбасадорката Дир, додавајќи дека само заеднички ќе успееме да изградиме нова и поефикасна безбедносна архитектура во Европа.

Украинската амбасадорка изрази уверување дека пријателските билатерални односи меѓу двете земји ќе продолжат да се продлабочуваат и дека тоа ќе им помогне на нашите народи да станат уште поблиски и повеќе да ја вреднуваат меѓусебната поддршка.

„Демократијата, хуманизмот, европските вредности се токму она што ги обединува нашите земји и нашите граѓани. Затоа, мораме да станеме дел од нашата заедничка европска иднина врз основа на принципите на меѓусебно почитување и силно пријателство“, рече амбасадорката Дир.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Дир ѝ посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.