Претседателот Пендаровски ги прими средношколците кои освоија награди на 4. Балканска олимпијада во физика

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците кои освоија награди на 4. Балканска олимпијада во физика што се одржа во хибриден формат од 7 до 9 октомври во Кипар.

Тројцата средношколци Јан Стојановски, Матеј Гелев и Емилија Николовска на оваа олимпијада освоија златен, сребрен и бронзен медал, како и специјална награда за најдобар постигнат резултат на олимпијадата во конкуренција на натпреварувачки, додека на Матеа Митревска и беше доделена пофалница за успешно учество.

На средбата присуствуваа и дел од учесниците на 52. Меѓународна олимпијада по физика што се одржа од 10 до 17 јули годинава, каде нашите олимпијците освоија еден бронзен медал и три пофалници.

Претседателот Пендаровски им честита на учениците за постигнатите успеси и освоениот златен медал, што претставува досега најголем средношколски успех на нашата земја на меѓународна олимпијада.

Воедно, претседателот ги охрабри учениците да продолжат да вложуваат во своите теоретски и практични знаења, посочувајќи дека ваквите достигнувања треба да бидат вреднувани и да претставуваат мотив и инспирација за учениците да се бават со природните науки, како перспективни и значајни области за севкупниот развој. 

На средбата, претседателот го поздрави и ангажманот на професорите од Институтот за физика и Природно-математичкиот факултет, членови на Друштвото на физичарите, кои со своите залагања придонесуваат за промоција на физиката во Северна Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.