Претседателот Пендаровски се обрати на доделувањето на Наградата за младинско учество по повод Меѓународниот ден на младите

Претседателот Стево Пендаровски, вчеравечер се обрати на свечената церемонија на доделување на Наградата за младинско учество, што по повод Меѓународниот ден на младите, се одржа во Кабинетот на претседателот.

Годинешни носители на наградата се актерката Изабела Јакимова, во индивидуална категорија, неформалната група на млади Младите на Една може (One Can Youth), во категоријата на неформални групи на млади, и здружението Гоу Грин (Go Green), во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации.

Наградата за младинско учество ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија и има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.

Наградата во трите категории ја врачија Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт и Марија Крстевска, претседателка на Национален младински совет на Македонија.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Видео-материјал:

Инсерти – https://youtu.be/8J57sB06obY  

Обраќање на претседателот Пендаровски – https://youtu.be/khddLWczIbs  

Почитувани присутни,

Во текот на оваа меѓународна недела на младите се зборуваше за новата Стратегија за млади, за законот за младинско учество и младински политики, за законот за младинска работа и за Рамката за развој МКД 2030 и со неа поврзаните владини мерки. Но, колку и да се квалитетни, стратегиите, политиките и законите се битни само доколку направат вистинска промена на подобро во реалните животи на луѓето.

Затоа, денеска, на Меѓународниот ден на младите, ќе се фокусираме не на самите документи, туку на она што тие би требало да го овозможат. Меѓу нас се млади луѓе кои преку нивниот општествен ангажман ни ги покажуваат сите добри страни на едно трансформирано, демократско општество.

Карактерот на општеството најдобро ќе го разбереме ако го видиме односот кон неговите најранливи членови, како што се сиромашните, бездомниците, ХИВ позитивните, сираците, децата од еднородителски и самохрани семејства. Слично е и со нашиот третман на животната средина: дали се користи одговорно или се експлоатира бесмилосно. Теодор Рузвелт еднаш со право има речено дека „на луѓето не им е грижа колку вие знаете за нивните проблеми, се додека не дознаат колку вие се грижите за нивните проблеми.“ За жал, во македонското општество, дури и грижата, наместо да биде поттик за акција, честопати се сведува на непријатен натпревар во взаемни обвинувања кој што не направил и слично.

Во таков амбиент, овие млади луѓе, Изабела Јакимова, неформалната група Млади на Една може (One Can Youth) и здружението Гоу Грин (Go Green), преку нивните визии и конкретни активности ни покажаа каква би можела да биде Северна Македонија доколку го слушаме гласот на младите. Тоа е општество во кое се почитува вроденото достоинство на секој негов член, водејќи сметка за животната средина како наше мултигенерациско општо добро.

Нема да претерам ако кажам дека овие млади луѓе се надминуваат и себе си и многумина од нас. Тие самоиницијативно ги препознаваат системските празнини и ги коригираат неправдите на системот. Со нивните дела активно придонесуваат за благосостојба на општеството. И патем, нам, на политичарите ни ги одземаат сите изговори дека решавањето на проблемите е комплицирано, скапо или невозможно. Тие одново ја потврдуваат старата вистина дека токму младите, водени од праведни идеали, се јадрото на секоја прогресивна општествена промена. Овие млади луѓе се само дел од генерацијата што ни влева надеж. Бидејќи, се додека младите имаат желба да се борат со социјалните неправди, има надеж за македонското општество.

Токму со овие признанија за нивните подвизи, ние се обидуваме да ги поттикнеме сите генерации да придонесат кон трансформацијата на Северна Македонија во подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат еднаква шанса да ги реализираат своите потенцијали.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.