Претседателот Пендаровски се обрати на регионалната Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформации

Loading...

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на регионалната Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформации, во организација на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми.

Во обраќањето претседателот Пендаровски порача дека константно треба да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. На тој начин, како што истакна претседателот Пендаровски, ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на дезинформациите и пропагандите.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст и видео-материјал од обраќањето на претседателот Пендаровски

https://youtu.be/CNXIeMDK1n0Почитувани претставници на граѓанскиот сектор,

Почитувани претставници на медиумите,

Ценети екселенции и гости,

Благодарам за поканата да се обратам на оваа конференција посветена на медиумската писменост, тема која од ден на ден се повеќе е присутна во јавните дебати и тема која е исклучително релевантна за граѓаните, но и за демократските процеси во целина.

Симболично е што конференцијата се одржува на датумот кој се смета за официјален роденден на Гугл – најкористениот интернет пребарувач. Одамна живееме во дигитална епоха, каде што социјалните медиуми масовно се користат за комуникација со различни публики, а, интернетот стана основна алатка и за учење, и за забава и за работа. Дигитализацијата овозможува далеку поголема достапност до информациите, со неверојатна брзина и во реално време. Со еден клик ги добиваме  најновите вести и информации за секоја тема, од секој дел на светот. Социјалните мрежи и интернет порталите полека, но, сигурно стануваат доминатен извор на информации за граѓаните и корпорациите.

Меѓутоа, можноста за брзо информирање со себе носи и потенцијално голем ризик. Како консументи на огромен број информации што брзо пристигнуваат, најчесто немаме ниту време, ниту можност да процениме дали содржината што ја читаме е проверена и точна. Или, пак што често се случува, е дезинформација која свесно или несвесно, ја информира погрешно јавноста и му штети на јавниот интерес.

Досегашното искуство и истражувања на темата покажуваат дека дезинформациите најчесто не се спонтани. Тие, имено, се производ на планиран пристап кон одредена тема. Намерата е системски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, а, со крајна цел, да послужи на интересите на одредени политички или бизнис центри на моќ. На тој начин, интернетот, како алатка која секојдневно ја употребуваат милијарди луѓе, многу лесно може од платформа за информирање да стане платформа за дезинформирање.

Почитувани,

Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности, дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава. Токму затоа, многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност. Во неодамнешниот стратешки извештај за сопствениот капацитет во оваа област и Европската Унија констатира дека кампањите за дезинформирање се една од главните форми на притисок врз демократските модели на владеење.

Пандемијата на Ковид-19 сосема конкретно ни покажа колкава штета може да предизвикаат дезинформациите. Не само кај нас, туку и во целиот свет, таканаречената инфодемија ја намалува ефективноста на политиките и мерките за справување со пандемијата, го зголемува колебањето на луѓето да се вакцинираат и конечно, ја заострува јавната дебата по ова прашање. Со поткопување на довербата во медицинската наука и професија и генерално, во здравствените системи и институции, инфодемијата стана закана и за јавното здравје и за животите на луѓето.

Почитувани,

Пред нас е комплексна задача, преку холистички пристап да изградиме системска, медиумска, но, пред се, лична отпорност кон дезинформациите. Тоа можеме да го постигнеме само преку блиска соработка на државните институции, политичките партии, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и медиумите.

Процесот на едуцирање за медиумската писменост и дезинформациите во нашите основни и средни училишта, ќе овозможи да создаваме генерации на ученици кои ќе можат полесно да ги препознаваат дезинформациите и да ги формулираат своите ставови врз основа на релевантни и проверени информации.

Потребно е да обезбедиме подобри услови за професионално  и независно работење во медиумите и справување со дезинформациите. Тоа подразбира и доследна имлементација на постојната регулатива и нејзино подобрување на линија на европските стандарди во оваа сфера. Исто така, потребно е да ги поддржиме саморегулаторните механизми во медиумската сфера, како и платформите за проверка на фактите.

Треба константно да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. Така ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на дезинформациите и пропагандите.

Притоа, треба да бидеме свесни дека нашата борба против дезинформациите мора да се води паралелно со борбата за вистински медиумски слободи и слободата на говорот како фундаментално човеково право и врвно цивилизациско достигнување. Борејќи се против лагата, истовремено треба да се бориме за вистината која е предуслов за прогрес на секое слободно и праведно општество.

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...
Loading...