Претседателот Пендаровски ја прими Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација, која престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу Северна Македонија и Швајцарија, кои од воспоставувањето на дипломатските односи се цврсто поставени со позитивна развојна динамика, при што соговорниците се заложија за интензивирање на политичкиот дијалог, како и унапредување на проектната поддршка за натамошен демократски и економски развој на нашата држава.

Двајцата соговорници разменија мислења за перспективите на билатералната и на мултилатералната соработка во наредниот период, како и за предизвиците на процесот на интеграција во ЕУ на нашата земја и на Западен Балкан во целина, а во тој контекст беше посочена важноста на регионалната соработка за ЕУ перспективата на регионот.

Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се што Швајцарија е меѓу најважните билатерални донатори во нашата држава, изрази задоволство од швајцарската стратегија за соработка со Северна Македонија 2021-2024 година, која обезбедува стабилна и долгорочна реализација на проектни активности од областите на демократското владеење, одржливиот економски развој, животната средина.

Соговорниците разговараа и за економските билатерални односи, при што беше нагласено дека постојат можности, потенцијали и соодветни капацитети за многу пообемна трговска размена и подобра севкупна економска соработка во иднина. Во тој контекст, се разменија мислења и информации за економската и енергетска криза, предизвикани од војната во Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.