Расте бројот на деца заразени со респираторен синцицијален вирус, еве како да ги познаете симптомите

Лекарите во многу земји информираат за зголемување на инфекциите со респираторниот синцицијален вирус (РСВ), честа детска болест која може да ги погоди и возрасните.
Германските експерти велат дека до вториот роденден речиси сите деца ќе имаат РСВ инфекција со благи симптоми.

Додаваат и дека сметаат дека промените во социјалното однесување за време на пандемијата на коронавирус придонеле за зголемување на бројот на заразени, па малите пациенти зимава ги „преплавија“ болниците.
Иако во повеќето случаи се работи за лесна болест со симптоми слични на настинка, РСВ може да биде сериозен проблем и да бара хоспитализација, особено кога станува збор за доенчиња помали од четири месеци и деца со хронични заболувања, предупредуваат лекарите од Германското здружение за педијатрија.

Расте бројот на деца заразени со респираторен синцицијален вирус, еве како да ги познаете симптомите

Тие потсетуваат дека респираторниот синцицијален вирус може да резултира со развој на бронхиолитис, воспаление на дишните патишта во белите дробови (бронхиоли) што предизвикува отежнато дишење, особено издишување.
Бронхиолитисот се карактеризира со отекување на слузницата на бронхиолите и акумулација на слуз што го отежнува дишењето, а може да доведе и до пневмонија.

-Сигнал за тревога за родителите треба да биде моментот кога ќе забележат дека детето има очигледни тешкотии со дишењето, дека дише побрзо од вообичаено и дека неговите бели дробови „свират“, особено при издишување, вели д-р Улрих Фегелер од споменатото здружение.
Покрај треската и кашлицата, дополнителен знак на болест е кога детето изгледа невообичаено уморно и летаргично.

Д-р Фегелер исто така вели дека и родителите треба сериозно да го сфатат проблемот со недостаток на апетит.
Од германскиот институт за јавно здравје Роберт Кох велат дека во такви случаи детето може да одбие да јаде или пие или да почне да повраќа.

Во тој случај, детето треба да се однесе на преглед кај педијатар или во потешки случаи веднаш да се однесе во Итна помош, советуваат педијатрите од германското здружение.

Пронајдете не на следниве мрежи: