Расте цената на нафтата на светските берзи

И денеска скок на нафтата на светските берзи. Западните медиуми анализираат дека цените на нафтата дополнително ќе се зголемат со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави размислуваат за целосно ембарго на увозот од Русија, дури и без на тоа да се приклучат членките на Европската унија.
Но, од Москва доаѓаат предупредувања дека ваквата постапка на Вашингтон би можела да ги вивне во воздух цените на нафтата. Рускиот вицепремиер, Александар Новак вели дека доколку САД и ЕУ го забранат увозот на нафта од Русија, барел би можел да достигне и до 300 долари.

Стравувањата дека Русија ќе одговори на веќе воведените санкции со запирање на извозот на енергија веќе ги зголеми цените.
Но во Европа има поделеност околу евентуалните засилени санкции кон Москва. Германија и Холандија уште вчера го отфрлија ваквиот план со оглед на тоа што ЕУ 40 отсто од гасот и 30 проценти од нафтата ги добива од Русија, но многу тешко може да најде замена.
И Велика Британија, која увезува само 5 отсто од гасот од Русија ќе ги почувствува ефектите бидејќи цените на глобалните пазари ќе пораснат.
Откако Германија го суспендираше работењето на Северен тек 2, од Москва доаѓаат закани дека би можела да го сопре вентилот на веќе постоечките гасоводи преку кои Европа се снабдува со овој енергенс.`
Алтернатива за руската нафта останува Иран, но проблемот е што оваа држава се уште е под санкции поради нуклеарната програма. Дури и Иран и САД да дојдат до политички договор би требале месеци за иранската нафта да стигне до европските пазари.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.