Рај за очи: Планинска куќичка од само девет квадрати!

Ако сте во потрага по мала куќичка за одмор, која може да ја изградите за две ипол седмици, ќе ви се допадне идејата на младиот фински дизајнер, Робин Фалк.
Функционалната куќа се наоѓа на брегот на архипелагот Сипо и благодарение на креативниот дизајн, просторот го искористил на најдобар можен начин.
Според финскиот закон, за објекти кои не ја надминуваат површината од 9 до 12 квадрати (во зависност од областа), не им е потребна градежна дозвола и затоа тогаш 20-годишниот Фалк, на кој му се ближел воениот рок, одлучил да не губи време на собирање документи и дизајнирал мала куќичка која може да биде многу брзо изградена.


Не само што заштедил време и пари за да добие дозвола, Фалк успеал да пронајде рециклирани материјали и да изгради најголем дел од куќата. Тоа дополнително ги намалило трошоците за градба, па така вкупните трошоци за викендицата на крајот изнесувале околу 9.000 евра.
„Пронајдов прекрасен простор и одлучив да дизајнирам компактен рај за себе. Сакав максимално да го искористам малиот простор, да ги употребам локалните, рециклирани материјали и самостојно да изградам куќа“, објаснува Фалк.
Неговата посветеност на медитацијата и будизмот, го поттикнала да ја цени природата. Додека ја градел викендицата, дизајнерот се трудел да ги почитува тие принципи и затоа одбрал локални материјали кои не ѝ штетат на природата.


Следејќи ја технологијата која инаку важи за индустриските дизајнери, Фалк во дизајнот на куќата ги исфрлил сите непотребни елементи и го задржал само основното.
Малата кујна и дневната соба имаат природна светлина, благодарение на големиот прозорец со двојна висина. Клуб масата и држачот за звучници исто така се изградени од рециклирано дрво. Во галеријата од пет квадратни метри е сместена спалната соба.
Најголемиот дел од куќата Фалк го изградил сам, додека за изработка на вратите и прозорците го ангажирал локалниот столар. Покрај куќата изградена е широка тераса, совршена за опуштање и набљудување на шумата, морето и ѕвезденото небо.
Освен необичниот дизајн, куќата има и интересно име – наречена е Нидо, што во превод од италијански значи гнездо. Сосема прикладно, ако се земе предвид дека презимето на сопственикот на шведски значи сокол.

Loading...