РЕСТОРАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА СЕ ВРАЌААТ НА РАБОТНО ВРЕМЕ ДО 21 ЧАСОТ

Loading...

Рестораните и кафулињата од четврток 21 јануари ќе работат до 21 часот, објави премиерот Зоран Заев, откако на денешната владина седница ги разгледале епидемиолошките насоки.
Како дел од Ковид мерките и начин да се спречат групирања пред и околу новогодичните празници, угостителските објекти досега работеа до 18 часот.
„Со оваа одлука завршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензиските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети.“ – изјави Заев.
Министерот за здравство пак Венко Филипче кажа дека следната недела откако ќе се направи анализа на епидемилошката состојба во земјата, можно е да се дозволи работа на Угостителските објекти и до 23 часот.
Претходно и министерството за економија беше под засилен притисок од коморите на угостителите да се продолжи работното време до 23 часот.
„Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 отсто од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни обврски, додека прометот и приходите се толку смалени.“ – велат од Независната угостителска комора.
Во меѓувреме инспекторите секојдневно се на терен, поради што беа затворени неколку угостителски објекти токму поради не почитување на здравствените мерки.

loading...