Ристовски најави дека почнува исплатата на државните субвенции во спортот

Националните спортски федерации, клубовите и спортистите во наредните денови ќе ги добијат средствата од државните субвенции коишто ги доделува Министерството за спорт. Административниот процес е завршен и се очекува да започне исплатата на средствата, по новата поефикасна и поедноставена процедура, најави министерот за спорт Борко Ристовски на вчерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.

Министерството за спорт и Владата обезбедија 550 милиони денари или нешто помалку од 10 милиони евра коишто се наменети за субвенционирање на спортот, нешто што не беше обезбедено од претходната Влада. Доколку не дојдеше до промена на власта и доколку не се конституираше новото Министерство за спорт, јас одговорно тврдам дека ќе немаше субвенции и државна помош за спортот затоа што тие пари не беа предвидени во буџетот за оваа година, односно претходната власт во буџетот имаше предвидено „нула“ пари за спортот. Ова е еден огромен чекор и на Министерството за спорт и на оваа Влада затоа што со ребалансот на буџетот ги обезбедивме овие средства. Сумата е нешто помала од претходните 615 милиони денари, меѓутоа ако земеме предвид дека се 550 милиони денари за само неколку месеци до крајот на фискалната година, ќе видиме дека тоа е, и тоа како, голема помош – истакна Ристовски.

Во завршната фаза од процесот за доделување на државните субвенции во спортот, од Министерството за спорт е испратен допис до сите национални спортски федерации кои до клубовите треба да ги проследат задолжителните обрасци, за да можат во најкус можен рок да ги пополнат и да ги достават до Министерството за спорт за што побрзо да почне исплатата на средствата. Министерот Ристовски појасни дека исплатата ќе се одвива сукцесивно, што значително ќе ја скрати целата постапка.

Средствата ги имаме на нашата сметка, подготвени сме за започнување на исплатата. Малку го променивме начинот на којшто ќе се исплаѓаат средствата, не само во делот на критериумите, туку и во делот на исплатата. Како прво нема да чекаме да пристигнат сите пријави или обрасци, па да се дадат на разгледување, туку постапката ќе тече сукцесивно. Како што ќе доаѓаат пријавите, така ќе бидат процесуирани. На два дена ќе се разгледуваат пристигнатите обрасци и како што ќе се усвојуваат, веќе наредниот ден ќе се исплаѓаат средствата. Претходната постапка, од донесувањето на обрасците во тогашната Агенција за млади и спорт до исплатата на средствата, имаше рок од 90 дена. Ние го поедноставивме процесот и го скративме овој рок. Или да појаснам, хипотетички, ако ги достават обрасците во понеделник, веќе во среда може да биде потпишан документот за да може да почне исплатата на тој што аплицирал. Се разбира, ако документацијата е комплетна и во ред. Тоа е една многу поедноставена и многу поефикасна процедура, затоа што сме свесни дека клубовите ги чекаат овие средства – рече Ристовски појаснувајќи дека исплата на државните субвенции во спортот заради почитување на законитоста и транспарентноста, почнува малку подоцна од првично најавениот рок.

-Распределба на државни пари за мене претставува една голема одговорност и токму поради тоа, малку поинаква е постапката. Оваа програма најпрво помина на Влада и беше едногласно усвоена, а потоа и на сите инстанци за одобрување и проверка и дури потоа ја отпочнавме процедурата за исплата. Можеби неколку дена покасно од планираното, но она што е најважно е законитоста и транспарентноста во распределбата на државните средства да биде на највисоко можно ниво и повторно да ја вратиме довербата во институциите. Затоа што токму поради распределбата на државните пари во спортот што беше во минатото, сега имаме осум обвиненија меѓу кои и обвинение за поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт, против претседателот на Македонскиот олимписки комитет и за вработени во тогашната АМС. Тоа само по себе покажува дека распределбата на т.н. „ваучери“, во најмала рака, било сомнително и токму затоа сакавме да направиме еден поинаков пристап којшто ќе значи транспарентност и еднакво вреднување на сите спортски субјекти. Сакаме сѐ да биде транспарентно затоа што имаме намера да воведеме ред во спортот – истакна Ристовски.

Министерот за спорт појасни дека основна ставка во новите критериуми за субвенционирањето во спортот е рангирањето во националните првенства.

Критериумите по кои ќе се доделуваат државните средства во спортот се едни и единствени. Она што е најважно е дека субвенционирањето ќе биде по однос на учество во националните федерации. Најосновната ставка е рангирањето во националните првенства, а не оние ставки од претходно кои оставаа простор за манипулација и корупција. Затоа одлучивме да го вреднуваме успехот и распределбата да биде соодветна на пласманот – рече Ристовски.

Уште една новина во новата распределба на државните субвенции во спортот е тоа што Министерството за спорт во една натпреварувачка сезона, од септември до септември, двапати ќе исплати државни субвенции.

Овие средствата сега ќе бидат исплатени во целост, сите 550 милиони денари, а во февруари-март 2025 година ќе бидат исплатени другите субвенции, што ќе биде огромна помош за спортот. Откако е конституирано Министерството за спорт, па до март, најдоцна до април наредната година, вкупно ќе исплатиме 1.219.000.000 денари што е околу 20 милиони евра. Ова е бројка што не е затворена затоа што ќе имаме уште едно субвенционирање на спортот што ќе значи дека оваа Влада и Министерството за спорт, во спортот ќе инвестира 20 милиони евра, што е една доста сериозна сума. Ова е уште еден показател колку ние како Министерство за спорт сме одлучни да го вратиме спортот онаму каде што заслужува – истакна министерот Ристовски.

Тој нагласи дека согласно новата стратегија, неколку спортови ќе добијат приоритет и ќе бидат финансирани од државата, а другите ќе бидат помагани. Од колективните спортови тоа ќе бидат ракометот, кошарката, фудбалот и одбојката, а од индивидуалните тоа се неколку спортови кои се традиционлано најпопуларни и носат најголеми успеси – таеквондо, атлетика, борење, бокс, пливање.

Имаме направено една добра поделба која на краток рок ќе донесе поместување, а на среден рок мислам дека ќе донесе и успех за македонскиот спорт и за Македонија – истакна Ристовски.

Пронајдете не на следниве мрежи: