САД и Канада ги приземјија авионите Боинг 737 Макс

Американските власти синоќа наредија сите авиони од типот Боинг 737 Макс 8 и Боинг 737 Макс 9 да бидат приземјени. Како што објави телевизиската мрежа Си-Ен-Ен наредбата ја потврдил и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Американскиот претседател рече дека причина за ваквата одлука биле „новите информации од тековната истрага за несреќата“, но не откри повеќе детали околу тоа. Претходно Трамп изјави дека „добил уверување од шефот на Боинг оти авионите се целосно безбедни“, но набрзо одлуката беше променета.
Од ноќеска и Канада ги приземји сите авиони од спорните модели. Канадскиот министер за транспорт, Марк Гарно изјави дека одлуката била донесена по добиените сателитски податоци кои укажуваат дека несреќата во Етиопија и онаа во Индонезија биле слични.
По втората авионска несреќа за пет месеци во која се урна авион од типот Боинг 737 Макс, веднаш се појавија сомнежи за техничката исправност на овој тип на авион, по што голем број на земји итно воведоа забрана за летање.