Светскиот ден на семејните и општи лекари

Loading...

Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина и оваа година ќе го прослави 19 мај – Денот на семејните и општи лекари.
„Семејни-општи лекари – лидери на патот до подобро здравје“ е годинашното мото со кое македонските лекари заедно со колегите од целиот свет, а по препорака на Светската организација на докторите по семејна и општа медицина (WONCA) ќе го одбележат Светскиот ден на семејниот-општиот доктор.
Матичните лекари по овој повод ќе организираат активности во својата амбуланта или средина во која работат за промоција на здравје и здрави навики, превенција – идентификација на ризик, имунизација, скрининг, едукација и советување.
– На овој начин сакаме да ја потенцираме улогата на матичните лекари во промоција на здравјето и рано откривање на болести. Нашата цел е да им помогнеме на пациентите да преземат контрола врз своето здравје и да ги зголемат можностите за развој и унапредување на истото, велат од Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина.
По овој повод ќе биде промовирана и монографија по повод 70 години постоење на Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина во рамки на Македонското лекарско друштво.

loading...