СДСМ го охрабрува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да остане на променетите ставови и да формира свои тимови што побрзо за продолжување на дијалогот.
-Сега сите партии, вклучително и ДПМНЕ се согласни дека овој парламентарен состав има полн легитимитет и мандат да ги спроведе уставните измени за продолжување на европскиот пат, велат од партијата.
-Доколку постои искрена волја нема потреба да се чека ниту да се тактизира, потребно е заедно да продолжиме да работиме на уставните измени, за остварување државните и националните интереси. Државата, граѓаните немаат време за губење, затоа што колку побрзо се донесат уставните измени, толку пократок ќе биде рокот на преговори и толку побрзо Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, се додава во соопштението од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска соопштија дека „уставни измени под вакви услови како што сака власта на Ковачевски на сила да ги турка, нема да има“.
-Јасно е дека во парламентот нема 80 пратеници кои ќе гласаат измени на Устав под бугарски диктат. Доколку СДС ги одбие предлозите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш постои сериозен сомнеж дека се подготвени во процесот на преговори да прават нови национални предавства, нови отстапки кон барањата на Бугарија и да го срозат македонскиот идентитет во целост, порачаа од најголемата опозициска партија.