Во однос на Македонија, Ковачевски смета дека 2023 ќе биде подобра од 2022 година, за земјава но и за регионот, а евентуалните пречки, вели, очекува да се надминуваат со веќе докажаната и покажана солидарност, јави дописникот на МИА од Белград.
„Никој сам не може ништо, затоа ние секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност. Кога човек има пријатели и поддршка, и ако работи напорно, не постои недостижна цел“, изјави Ковачевски.
Тој потенцира дека сите ќе имаат корист од ефектите од заеднички вложениот труд и од реализираните проекти.
„Како резултат на многубројните договори и меморандуми во рамките на ‘Отворениот Балкан’, меѓусебната трговија расте, настапуваме заедно со нашата винска и туристичка понуда, поедноставувајќи го пристапот до пазарот на трудот. Очекувам дека тоа ќе биде мотив и други земји од регионот да се приклучат на иницијативата со која Западен Балкан станува европски и отворен во практична смисла на зборот“, рече Ковачевски.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, пак, изјави дека Србија ќе продолжи да биде длабоко посветена на иницијативата „Отворен Балкан“ и на сите други регионални иницијативи и во оваа нова година.
„Со нетрпение очекувам да се воведе електронска идентификација за сите граѓани како дел од иницијативата ‘Отворен Балкан’ – ИД картички, кои ќе ни овозможат да ги преминуваме границите без никакво задржување, практично да нема граници меѓу нас и да имаме непречен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги“, рече таа, додавајќи дека едвај чека да ги види граничните премини каде ќе има единствена означена лента за камиони и патнички возила од земјите од „Отворен Балкан“.
Брнабиќ рече дека акцентот го става на „Отворен Балкан“ бидејќи таа е „наша сопствена, автохтона иницијатива, покрената од нас од регионот“. Таа изрази искрена надеж дека, полека, на иницијативата ќе ѝ се придружат и другите партнери од регионот.
Абазовиќ, пак, во 2023 година очекува сите во регионот да бидат помудри и посветени на пријателството и заедништвото, и меѓусебно да се гледаат како пријатели кои ќе градат заедничка иднина за доброто на сите граѓани, а истовремено ќе го зголемат животниот стандард. Досегашната, спротивна на тоа практика, подвлече црногорскиот премиер, е неопходно да се промени.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на истото прашање, за „Танјуг“ истакна дека смета дека настаните од изминатите децении, како и актуелниот конфликт во Источна Европа, ќе влијаат на развојот на настаните во регионо. Во такви околности, вели тој, тешко е да се биде оптимист, но истовремено потенцира и дека, според него, нема основа ни за песимизам.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.