Секој куршум има мета – Еден залутан куршум може веселбата ,да ја претвори во трагедија

Чинот на пукање на свадби, при раѓање на дете и на други веселби е длабоко вкоренет во традицијата на Балканот, а исклучок не е ниту Северна Македонија. Во минатото, особено во планинските региони, пукањето било начин на комуникација. Преку истрелот, членовите на семејството, најчесто од машки пол, ги известувале околните села за убавите вести. Денес, во време на напредни комуникации, оваа опасна и застарена традиција сè уште е присутна, а неретко добива и дополнителна димензија – демонстрација на моќ и доминација.

Зошто е опасно пукањето на веселби? Испуканиот куршум не исчезнува, не заминува во вселената, не испарува. Поблизу или подалеку, тој мора да падне некаде. Куршумот испукан во воздух за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање. Едноставно – секој испукан куршум има мета, а таа мета може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга.

Уште една работа треба да се има на ум – пукањето на веселби е неовластено пукање, без оглед дали лицето што го држи пиштолот има дозвола за носење огнено оружје. Неовластеното пукање е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и подлежи на парична глоба од 200 до 500 евра. Според член 288 од Кривичниот законик, пак, неовластеното пукање е кривично дело и во зависност од последиците подлежи на затворска казна од една до пет години.

„Во текот на минатата година заклучно со крајот на минатиот месец, според статистичките показатели, полицијата евидентираше 14 случаи кои се поврзани со злоупотреба на оружје при веселби и прослави. Секако, речиси сите тие се кривично-правно финиширани, што резултираше со седум кривични дела „предизвикување на општа опасност“, едно кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“, како и шест прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Граѓаните треба да бидат свесни дека не постои безбедно неовластено пукање“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Според истражувањата на SEESAC, заедничка иницијатива на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) и Советот за регионална соработка (РЦЦ) чија цел е воспоставување контрола над носењето и употребата на малото и лесно оружје, во нашата земја луѓето главно не се чувствуваат безбедно во близина на огнено оружје. Дури 63,3% од жените и 50,6% од мажите во Северна Македонија се изјасниле дека се чувствуваат помалку безбедно кога во нивниот дом има пиштол.

Платформата за следење инциденти поврзани со оружје (Armed Violence Monitoring Platform – AVMP) на SEESAC регистрирала 124 вакви случаи во 2021 година на територијата на Западен Балкан. Дури 76,8% од нив биле извршени со нелегално оружје, бројка што не е за занемарување.

Со цел да се влијае на свеста на граѓаните за последиците од славеничкото пукање и да се намали бројот на вакви инциденти, МВР и УНДП ја спроведуваат кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје!“.

„Славеничкото пукање од радост и прослава за едно семејство може да се претвори во трагедија за друго семејство. Веруваме дека не постои човек кој би сакал заради неколку моменти на славење да повреди друго човечко суштество. Сепак славеничкото пукање е реалност и токму затоа УНДП постојано ги поддржува напорите на МВР да се намалат сите случаи на злоупотреба на малото и лесно оружје и со тоа да се создадат побезбедни заедници за сите граѓани“, порачуваат од Канцеларијата на УНДП во Скопје.

Кампањата се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“, кој се реализира со финансиска поддршка на Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а е поддржан и од Европската Унија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.