Секој петти граѓанин во Хрватска има психолошки проблеми поради пандемијата

Loading...

Секој петти хрватски државјанин доживеал депресија, стрес и вознемиреност поради кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од одделот за психологија при Филозофскиот факултет во Загреб на примерок од 3.500 возрасни испитаници, пишува „Вечерњи“.
Истражувањето за психолошките последици од пандемијата е спроведено преку онлајн-анкета, така што може да се претпостави дека во него учествувале компјутерски писмени и пообразовани граѓани од земјата.


„Додека, како што се очекуваше, стресот и вознемиреноста се чувствуваа еднакво од сите возрасни групи, самохраните лица, постарите и граѓаните што живеат во семејства со нарушени односи, како и граѓаните што претходно имале ментални нарушувања, беа повеќе депресивни“, вели професорката по психологија, Гордана Кутеровац-Јагодиќ, од Филозофскиот факултет во Загреб.
Иако за време на епидемијата, која сега се смирува, постојано се потенцира дека постарите граѓани се најранлива и ризична група за инфекција со корона, изненадувачки е што повеќето постари лица не се согласуваат со тоа.
„Само 38 отсто од постарите граѓани рекоа дека се сметаат себеси за поранливи од другите групи граѓани, а 6 отсто рекле дека се дури и поотпорни на вирусот од другите групи. Но, 28 отсто од пензионерите, поради економските последици од кризата, се многу загрижени затоа што нивните пензии ќе бидат намалени“, вели професорката.
Интересно е што најмногу вознемирени за време на карантинот биле родителите на малите деца, кои работеле од дома и истовремено се грижеле за децата. Патем, според угледни странски истражувања, лекарите што биле на првата линија на одбрана против короната исто така се очекува да имаат проблеми поради кризата предизвикана од коронавирусот. Како и да е, кога станува збор за менталното здравје на граѓаните, поголеми проблеми може да се забележат само со текот на времето, за неколку месеци, пишува „Вечерњи“.

loading...