СЕФФ 2022: ОДРЖУВАЊЕ НА РАСТОТ ВО ВРЕМЕ НА НЕИЗВЕСНОСТ И ПОТОА

Неделава која веќе изминува, Скопје беше центарот на економската дискусија во регионот. Преку 400 гости од меѓународни рамки, регионот и од кај нас, беа дел од втората годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум – СЕФФ. Ако нобеловецот Јозеф Стиглиц беше во фокусот на годинешниот Светски економски форум во Давос, ние ја имавме честа да бидеме домаќини на уважениот професор и добитник на Нобеловата награда за економија, Пол Кругман, кој даде мошне интересен осврт кон каде оди економијата, но за тоа подоле во текстот. Покрај нобеловецот Кругман, плејада на значајни имиња од економијата, финансиите и бизнисот од регионот, но и светски рамки, учествуваа на СЕФФ. Не би сакал никој да ми замери, во интерес на просторот, ќе спомнам само неколку, како претседателката на Европската банка за обнова и развој, Рено-Басо, потпретседателката на Светската банка, Бјерде, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Павлова, еврокомесарот Хан, поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, успешниот бизнисмен Мајк Зафировски, светски познатиот режисер Милчо Манчевски, министри и истакнати универзитетски професори од земјава и регионот, директори на регионални претставништва од скоро сите меѓународни организации, истакнати бизнисмени и претседатели на стопански комори од регионот, претставници на невладиниот сектор итн.

Настанот имаше значајна поддршка и од државниот врв, каде што свои обраќања за предизвиците и перспективи имаа претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Би сакал од срце да изразам голема благодарност до сите кои со својата дискусија и присуство придонесоа конференцијата на СЕФФ да биде достојна на настани од светски калибар. Огромна благодарност и до партнерите кои ја поддржаа нашата платформа за дијалог. Особена благодарност до мојот тим за организацијата, кој покажа посветеност, професионална прецизност и дисциплина, од планирање до реализација на настанот.

На мое големо задоволство, СЕФФ за кусо време прерасна во бренд, и мое и залагање на тимот, ќе биде и понатаму да го градиме тој бренд, бидејќи е од исклучително значење за промоција и позиционирање на нашата земја. Но, СЕФФ е многу повеќе од конференција од висок профил. СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за олеснување и поттикнување на дебатата за јавните политики во земјава и Југоисточна Европа, преку годишни конференции, семинари, анализи. Оваа платформа има за цел да ги инволвира сите чинители во креирањето на политиките – политичарите, институциите, експертската и бизнис јавноста, невладиниот сектор и младинските организации. Очекуваниот резултат на оваа платформа е постигнување синергија при креирањето на новите политики и мерки за економско заздравување и инклузивен, забрзан зелен раст. 

СЕФФ е дел од концептот СМАРТ финансии (S-Strategical, M-Maintainable, A-Accountable, R-Reform-oriented, T-Transparent) или паментни финансии, кој го применуваме во Министерството за финансии. Овој концепт се однесува на поставување на политиките врз основа на темелна, сеопфатна и долгорчна стратегија, донесена врз основа на факти и докази, а со цел да ги даде оптималните резултати. СМАРТ концептот се однесува и на справување со тековните предизвици, без притоа да се изгуби големата слика, она кон што долгорочно се стремиме – забрзан и одржлив раст, кој ќе го постигнеме со јасно утврдена реформска агенда.

Големата слика: Раст во време на неизвесност?

Се наоѓаме во специфично време, време исполнето со комплексни економски предизвици. На сѐ уште незавршена економска криза, започнува втора, па трета, шоковите се акумулираат, додека неизвесноста продолжува. Во вакво време многу е битно не само за економистите и креаторите на политиките, туку и за целата јавност, за граѓаните, да ја видат и да ја разберат целата конотација. Кога сите заедно ќе можеме јасно да ја видиме заедничката цел и патот до целта, мислам дека и многу побрзо ќе стигнеме до неа.

Како помеѓу дрвата да ја видиме шумата? – оваа колумна иако ја започнав со СЕФФ, а ја посветувам на решенијата “како да се одржи растот во време на неизвесност и потоа“. СЕФФ е формата, иако Англичаните додуша имаат подобар збор – “a vessel“, која ги содржи можните одговори на ова прашање. Дискусијата на СЕФФ се одвиваше во четири столба, четири пилари, во кои беа сместени дискусиите за политиките за сега и утре, што во кризата и по неа. Првиот пилар се однесуваше на „Макроекономските придизвици во турбулентни времиња“, вториот: “Отпорност, конкурентност и регонална соработка“, третиот: ”Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“ и четвртиот: ”По кризата: Двигатели за одржлив раст“.

Макроекономските придизвици во турбулентни времиња: Таргетирани мерки и одржување на стабилноста

Но, да почнеме од почеток. Овој дел повеќе пати сум го пишувал и зборувал, па ќе настојувам во што е можно покуси црти да го поминам, а сепак оние кои првпат читаат/се информираат, да добијат целосна слика. Нашата економија долги години продуцира пониски стапки на економски раст, во просек околу 2-3%. Јасно како бел ден е дека е потребна силна реформска агенда за да се смени тоа и за да растот се забрза на стапки од 5% и повеќе и истите да бидат одржливи за да може да се постигне посакуваниот развој на економијата, а со тоа и подобрувањето на животот на сите граѓани во земјава.

Но, се случи пандемијата и најголемата светска економска криза, рецесија, од Втората светска војна наваму. Беше преземен силен фискален одговор од најголем број на економии во светот, вклучително и нашата, поддржан од прилагодливиот карактер на монетарната политика, кој обезбеди дополнителна ликвидност. Светската економија, навистина брзо, за една година закрепна, а дел од поголемите економии го достигнаа преткризното ниво, дел дури и го надминаа. И нашата економија закрепнуваше. Сепак, светот се соочи со нови предизвици. Вбризганата ликвидност од фискалните пакети на Владата, солидното закрепнување на побарувачка на недоволната понуда, придружени со преориентација на преференциите на потрошувачите од услуги кон стоки, нарушувањата на синџирите на добавување, го направија своето во поглед на ценовните притисоци, кои започнаа со енергентите и храна на светските берзи, а потоа се прелеаа во националните економии и на другите производи. Дополнителни притисоци направи војната во Украина, поради значењето на Русија и Украина во светската трговија, особено на некои примарни производи.    

Како и останатите влади во регионот и светот, уште од почетокот на пандемијата делувавме проактивно и носевме антикризни мерки. Шесте пакети антикризни мерки за време на пандемијата се проценети на околу 1,2 милијарди евра, додека дополните 615 милиони евра се проценуваат мерките од почетокот на енергетската и ценовната криза.

Дополнително ќе посочам, дека кај најголем број од економиите во светот, како резултат на енергичниот фискален одговор дојде до проширување на јавниот долг. Кај земјите во регионот по пандемијата јавниот долг во просек порасна за околу 10 до 15 процентни поени. Истото се случи и кај нас, јавниот долг порасна за околу 11 процентни поени во пандемиската година, а сега е благо намален и е 7 процентни поени повисок во однос на претпандемиското ниво.

Во овие услови се поставува прашањето – колку може и како треба да делува фискалната политика понатаму, за да ги заштити граѓаните и економијата, а притоа да не креира макроекономска нестабилност преку поттикнување на инфлаторната спирала и рапидно зголемување на долгот.

Одговорот е – да, треба да има мерки, какви – таргетирани, наменски, за најранливите категории за да можат да ја пребродат кризата и истите треба да бидат времени за да не се нарушат долгорочно пазарните принципи. Се друго е долевање на масло на оганот, бидејќи со вбризгување на дополнителна ликвидност при недоволна понуда, која меѓу другото е условена од увозните инпути, само ќе направи дополнителни притисоци за раст на цените. И тоа е моделот кој ќе го примениме понатаму и истиот е пропорачан од Европската Комисија и меѓународните институции како што се Светската банка и ММФ.

Професорот Кругман во своето излагање многу убаво го образложи ова. Ситуацијата сега не е иста со 1979 година (за информација – почетокот на 80-тите години очекувањата за висока инфлација беа многу подолгорочни, работниците како резултат на тоа бараа поголеми плати, додека работодавачите поради очекуваната инфлација беа подготвени да им исплатат повисоки плати, што резултираше со инфлаторна спирала, која се смири после повеќе години со силната контракција на економијата). Сега инфлаторните очекувања се пократкорочни – веќе следаната година се очекува стабилизација. Професорот Кругман дури посочи дека во 2024 година ќе ја имаме 2019 година повторно и дека повторно дефлаторните тенденции ќе станат актуелни тогаш. Прашањето е само како ќе стигнеме дотаму. Едната опција е благо успорување на економијата, другата е остар пад. И сето тоа зависи од тоа како понатаму ќе се справуваме со инфлацијата. Дали ќе влеземе во инфлаторниот вртлог или интелегентно ќе го избегнеме. Наш предизвик е во оваа време на неизвост да го одржуваме растот.

Во секој случај ни претстои еден значаен период, во кој креирањето на јавното мислење ќе биде еднакво важно, ако не и поважно од конкретните економски мерки кои ќе ги преземеме. Ова е бидејќи инфлацијата зависи од три фактори – понуда, побарувачка и инфлаторни очекувања, со тоа што третиот елемент има силен импакт врз првите два.

Со оглед на тоа, првиот пакет на мерки беа насочени кон амортизирање на првите силни удари на кризата, како спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што ги запревме инфлаторните притисоци за да спречиме повисоки стапки на инфлација. Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра што претставува еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот. Во насока на едновремено насочување на мерките кон ранливите категории граѓани, но и постепена фискална консолидација, новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, а исто така ќе продолжи и определбата за водење прудентна фискална политика, којашто е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците – во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите и за зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход, како и покачување на плати во значителен дел од јавниот сектор, образование, здравство, судтсво, обвинителство, полиција и армија.

Отпорност, конкурентност и регонална соработка

Еден од факторите кои ги спомена Кругман во контекст на тоа каде се движи светската економија е глобализацијата. Денешната економија ги откри сите „мани“ на глобализацијата, кои најубаво се видоа преку синџирите на добавување. Еден посилен потрес, како пандемијата, целосно ги наруши глобалните синџири и сегашните кризи во голема мерка се должат токму на тоа.

Но, како што посочи и професорот, ова не значи дека транснационалните компании ќе се откажат од придобивките кои ги нуди глобализацијата, како пониски трошоци за труд и суровини – односно инпути. Ова само значи дека во равенката сега ќе внесат дополнителни променливи (тие всушност секогаш и биле во равенката, сега само повеќе добиваат на значење), како на пример оддалеченоста, повисоките трошоци за транспорт, стабилноста на регионот. Тоа е новата глобализација или поблиското поврзување на региони (скратување на синџирите на понудата), па може да ја наречеме „регионализација“. Подобрувањето на инфраструктурата е клучен фактор, покрај човечкиот капитал и трошоците на инпутите за производство, во однос на привлекување на инвестиции и интегрирање во глобалната економија, а со тоа и обезбедување на одржлив раст.

Тука ќе се осврнам на две работи – две можности кои се отвораат за нас. Прво, потенцијалните нови инвеститори. Второ, поблиското поврзување со земјите во регионот и настапување како еден пазар. Придобивките можат да бидат огромни за регионот. Како што кажа и претсeдателот на Американско-грчката комора – голема инвестиција во регионот е придобивка за целиот регион.

Оттаму, она што може и се прави, е поврзување – партнерства и физичко поврзување преку коридорите и изградбата на инфраструктурата. Преку политики за слободно движење на работниците, капиталот, стоките и услугите, може да се постигнат бенефитите на единствениот пазар.

Енергија, зелена транзиција и инфраструктура

Како што се движам по тематските столбови (пиларите) за дискусија на СЕФФ, одам од политики на кус кон политики на подолг рок, иако сите овие прашања треба да почнат да се адресираат уште сега, веднаш и итно. Имено енергетската криза јасно ни покажа и докажа дека колку повеќе зависиме самите од себе си и ги диверзифицираме изворите на снабдување со енергија, толку поотпорна ќе биде нашата економија. Инвестирањето во обновливите извори на енергија и зелената транзиција се начинот на кој може да ја намалиме енергетската зависност.

Значителна поддршка за зелената транзиција, како што посочија и на СЕФФ, даваат и ЕБОР и ЕИБ. Станува збор за повеќе милијарди евра кои би се вбризгале во регионот од страна на овие две меѓународни финансиски институции во насока на поддршка на енергетската одржливост.

Втор аспект кој треба да го имаме на ум е енергетската ефикасност. Кризата докажа дека треба мудро да располагаме со добрата, особено во време кога нивната цена расте, како сега со енергентите. На пример, ако сите бидеме поштедливи, сите заедно ќе плаќаме помала цена на струјата. Оттаму и новиот моделот на тарифни потрошувачи – одржлив модел како одговор на криза.

По кризата: Двигатели за раст

Ноќта е најтемна пред зората. Така и по надминување на оваа криза, треба да излеземе со посилна и поотпорна економија, концепт кој авторот на „Црниот лебед„, Насим Талеб, го нарекува анти-фрагилност. За стапките на раст да забрзаат потребни се структурни реформи, кои ќе го осигураат истиот. Зелената економија, инвестирањето во човечкиот капитал и дигитализацијата беа издвоени како она на што треба да се работи интензивно за да се постигне забрзувањето.

Кога зборуваме за човечкиот капитал, покрај социјалната сигурност и здравството, особено внимание треба да се насочи кон образованието. Тука се неопходни крупни реформи – од претшколска возраст до високо образование. Мораме да се осигураме дека нашите деца во голема мера ќе го користат својот капацитет во иднина и нема да излегуваат од школските клупи со половично значење. Мора да има систем на заслуги (мерит систем), систем на вреднување и успешност, со кој ќе се поттикнат образовните кадри кон иновативен процес на пренесување на знаење и креирање на нови можности за учениците.

Дигитализацијата е исто така нешто што може да ги забрза процесите, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Треба да трчаме кон технологијата, да ги следиме најновите трендови и иновации, а не да бегаме од неа. Искуството покажале дека земјите кои имаат висок степен на дигитализација забележуваат и подобри економски резултати.

На крајот, иако не е структурна промена, ќе го спомнам лидерството. Ова беше нова тема на СЕФФ. Транспарентното, отчетно владеење, распределбата на моќ, партиципативноста и инклузивноста во носење на одлуките, односно сите елементи на добро владеење се подеднакво важни за да се има доверба во оние кои ја водат земјата и во одлуките кои ги носат. Лидерството не само како формално управувуање, туку како поширок поим, преку лични искуства и позитивни примери да се градат вредности на здраво општество и да се отворат нови перспективи за идните генерации.

Рефлексии од конференцијата и перспективи

Ми беше големо задоволство и чест што со поранешните министри за финансии можевме да дадеме осврт на целокупната дискусија на СЕФФ. Иако од различни политички опции, она за што сите се согласуваме од аспект на тоа каде фискалната политика треба да се насочи се фискална консолидација и структурни реформи. Зошто, бидејќи само стабилна економија може да продуцира одржлив раст и бидејќи структурни промени се неопходни за да се постигнат повисоки стапки на раст.

СЕФФ платформата продолжува со додавање на нови содржини, дискусии и одговори на нови прашања. Фокусот многу повеќе ќе го насочуваме кон младите, младинските иницијативи, вмрежувања, градење партнерства, бидејќи во младите е иднината.

Фатмир Бесими, министер за финансии

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.