Се очекува 2019-та да биде година на електрични возила на македонскиот пазар

убвенции, станици за полнење и најави за нови модели на електричните возила. Според најавите, 2019 треба да биде година на возила со 0 емисија на штетни гасови на македонските улици. Сепак, ваквиот „зелен“ бран се уште е само во најава на македонскиот пазар на возила.
Истражувањето на МИА, ви го пренесуваме во продолжение:
На електричните возила се гледа како на едно од решенијата за проблемот со загадениот воздух и мерките со кои се поттикнува нивното користење. Тие се дел од сите краткорочни и долгорочни планови за намалување на аерозагадувањето во градовите.
За 2019 година предвидени 2,7 милиони евра субвенции
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, во ноември минатата година најави субвенции за електрични и хибридни возила.


Со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за возила се предвидуваат Програми за субвенционирање на дел од трошоците за купување на возила на електричен погон, за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 41 став (1) од овој закон, каде што е предвидено со заклучоци на Владата субвенционирањето да биде од Буџетот на Владата на Република Македонија.
Со програмите за субвенционирање предвидени се финансиски средства во износ од 170.000.000 денари во 2019 година, 245.000.000 денари во 2020 година и 320.000.000 денари во 2021 година.
Предвидени се субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.
Иако годинава за субвенции се предвидени околу 2,7 милиони евра, од Министерството за економија, преку кое треба да се врши субвенционирањето, информираат дека Законот за возила е се уште во Собрание и моментално немаат подетални информации за најавените субвенции за електрични и хибридни возила.
Електрични возила – автономија на движење од 100 до 300 километри
На македонскиот пазар може да се купат електрични возила од неколку различни производител, но повеќето немаат официјален ценовник за моделите.


Првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г20 беше претставен минатата недела од тимот на „ББ Класик Карс. Според производителот возилото има нулта емисија на јаглероден диоксид, досег со едно полнење до 150 километри во реални услови на возење, како и максимална брзина до 130 километри на час.
Времето на полнење изнесува три часа на домашен мрежен приклучок, исто толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути. Цената на основниот модел е околу 20 илјади евра и времето на испорака е два месеци.
Првото електрично возило на македонскиот пазар официјално го претстави Мак Аутостар во 2015 година и тоа е моделот на Митцубиши и-МИЕВ. Според техничките спецификации опсегот на движење на возилото е 160 километри. За целосно полнење на батеријата се потребни шест часа, а доколку се полни во текот на ноќта за 100 километри тоа чини 35 денари.
На прашање за цените и моделите од Мак Аутостар не информираа дека поради технички причини Митцубиши Моторс во наредните неколку месеци не испорачува електрични возила во Македонија, но најавуваат дека се во подготовки и повеќе информации ќе имаат во вториот дел на годинава.
На македонскиот пазар Порше Македонија ги нуди електричните модели на Фолксваген „е-ап!“ и „е-голф“, но најавуваат дека тоа во иднина ќе се прошири.
– Цените во моментот, без најавените субвенции, се движат околу 25.000 евра за „е-ап!“ и околу 37.500 евра за „е-голф“ со високо ниво на опрема споредено со стандардните нивоа. Менувачот е исклучиво автоматски со еден степен на пренос. Моќноста е 60 KW кај „е-ап!“ 100 KW кај „е-голф“. Досегот со едно полнење, во зависност од условите на употреба се движи од 120 до 160 километри кај „е-ап!“ и од 200 до 300 километри кај „е-голф“, информираат од „Порше Македонија“.
Двата модели можат да се полнат на три начини: на обичен домашен монофазен приклучок, на јавен полнач со наизменична струја и на јавен брз полнач со еднонасочна. Во зависност од начинот на полнење, времето на полнење од целосно празна до целосно полна батерија изнесува редоследно девет часа/ шест часа/30 минути кај „е-ап!“ и 17 часа/ пет часа и 30 минути/45 минути кај „е-голф“.
Интересот на купувачите, велат од „Порше Македонија“, е ограничен и мал, пред се заради перцепцијата за цената и за начинот на употреба на електричните возила.
– Општо, електричните возила се сметаат за прескапи, но никој не ги зема предвид вкупните трошоци на експлоатација во подолг период. Понатаму, употребата на електричните возила се смета за комплицирана, заради во моментот недоволно развиената мрежа за полнење, што делумно, но не и сосема е точно. Во секој случај, со даденото расположение такво какво што е, ние до сега имаме доставено 60-тина понуди за електрични и хибридни возила и од нив имаме успешно реализирани 28, информираат од „Порше Македонија“.
Компанијата „Хамачи Македонија“ изминатите две-три години на македонскиот пазар нуди електрични возила од кинескиот производител „Џонвеј“. Моментално во својата понуда имаат три вида на електрични автомобили, меѓу кои и моделот „Урбии 2“ во изведба со две и четири седишта.
Цената на „Урбии 2“ е 325.950 денари или околу 5.300 евра. Возилото има моќност од четири киловати и максимална брзина од 45 километри на час. Со тежина од 650 килограми и батерија со капацитет од 120 ампер часа во нормални услови на користење може да помине околу 100 километри, според податоците од производителот.
Според Горан Арсов, маркетинг менаџер на Хамачи Македонија, интересот кај купувачите е доста голем, а главни причини за тоа се економичноста на возилата кои се лесни за одржување бидејќи немаат филтри, масло, каиши и слични потрошни делови кои се менуваат кај возилата со мотор со внатрешно согорување и не ја загадуваат животната средина.
Градот Скопје е првата локална самоуправа во Република Македонија што набави патнички автомобил на електричен погон (електромобил) за потребите на градската администрација, додека општина минатата недела Штип доби електричен автомобил донација од компанијата „Хамачи“.
Инфраструктура за електрични возила
Зголемувањето на бројот на електрични возила на улиците, неопходно е да биде проследен со зголемување на бројот на станици за полнење на ваквите возила. Најголем хендикеп на електричните возила е малиот радиус на движење, а единствен начин за надминување на овој проблем е добро распространета и достапна мрежа на станици за брзо полнење на возилата низ државата.
ЕВН во соработка со општините веќе започна иницијатива „Електромобилност со ЕВН“ со цел развој на инфраструктура за полнење неопходна за поголемо користење на електрични возила во секојдневниот живот.
Покрај полнењето во своите домови, за да можат да патуваат на поголеми дистанци, на сопствениците на електрични возила им се потребни и полначи достапни на јавни површини. Полначите е неопходно да се поставени во правецот на движење на возачите и на дистанци до 100 километри еден од друг.
Полначи за електрични возила веќе неколку години има во двете катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, пред бараките на градот Скопје, како и на паркингот пред зоолошката градина.
Од ЕВН информираат дека се поставени над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија.
Заинтересираните сопственици на електрични возила за да ги користат полначите најпрво треба да се пријават за електронска картичка, додека користењето на електричните полначите во период од една година, како што најавуата од ЕВН, е бесплатно за сите корисници.

Loading...