Се разбудивте со лоша фризура? Еве како да ја поправите во само пет минути

Loading...

Колку пати досега ви се случило да се разбудите со лоша фризура која ви го расипала цел ден?
Особено доколку имате малку време наутро за спремање и не стигнете да ја измиете косата, па врзувањето на репче или пунџа ви изгледа како единствено можно решение.
Но, тоа не мора да биде така бидејќи постојат неколку едноставни трикови со помош на кои можете да ја поправите фризурата во само пет минути.
Натопете ги “непослушните” прамени
Не мора да ја миете целата коса за да ги скротите прамените кои се немирни. Едноставно, натопете ги само нив и исфенирајте ги со четка. Истото важи и за непослушните шишки – нив можете да ги натопите со мокар чешел со кој ќе ги исчешлате, а потоа и исушите.
Што е со локните?
Доколку имате виткана коса, напрскајте ја со вода по целата должина и сплетете две плетенки. Доколку не ви се брза, оставете природно да се исушат, но доколку немате време, исушете ги со фен.
Фигаро за коса како спас
Доколку сте се разбудиле со прекршени прамени, не посегнувајте по пеглата за коса бидејќи таа метода ќе ви одземе многу време. Непослушните прамени најлесно ќе ги поправите со помош на фигаро.
Променете го патецот
Доколку ја носите косата на лево, преместете го патецот на десна страна и обратно. Со овој едноставен потег не само што ќе ја поправите лошата фризура туку и ќе го освежите изгледот и ќе добиете волумен.
Залижете ја косата
Залижаната коса и оваа сезона е во тренд и секако е поинтересна опција од коњското репче. Доколку имате храброст, деновите кога вашата коса е непослушна се совршени за испробување на овој изглед, а сè што ви треба е добра четка и малку гел за коса.

loading...