Собранието ќе реши кои прашања ќе ги има во Пописот во 2020 година

Државниот завод за статистика, отфрлајќи ги како шпекулации сите тврдења дека следниот Попис на население ќе биде без прашањето за етничка припадност истакнува дека крајното решение за тоа кои прашања ќе бидат вклучени во Пописот што треба да се реализира во 2020 година ќе го донесе Собранието на Република Македонија со донeсување на Законот за Попис 2020.
Во соопштението од Државниот завод за статистика стои дека во процесот на подготовка на претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2020, Државниот завод за статистика минатата година започна широка јавна дебата во однос на предложените решенија за прашањата што ќе бидат вклучени во Пописот, но и за организациско-техничките аспекти на претстојниот Попис.
-Во овие дебати Заводот, како професионална и стручна институција од областа на статистиката и единствено надлежна за спроведување на Попис на населението, ги даде своите предлози меѓу кои и предлогот пописниот образец да не го содржи прашањето за етничка припадност. Овој предлог е вклучен и во Предлог-законот за Попис кој беше ставен на јавна расправа, а и доставен до сите релевантни институции за забелешки и сугестии, наведуваат од Државниот завод за статистика.