Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска во Демир Капија на одбележување на Меѓународниот ден на жената од руралната средина

Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената од руралната средина, настан што во организација на Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, а со поддршка на Шведската организација за развој We Effect, се одржа во Демир Капија, Кралска винарија Марија.

Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска во своето обраќање рече дека постигнувањето на целосна рамноправност на руралната жена во општеството преку обезбедување на социјален развој, економска самостојност, поддршка за женско лидерство и развој на заедницата преку потенцијалот и перспективата на руралната жена е неопходност на глобално ниво.

Таа посочи дека руралните жени кои традиционално го прехрануваат семејството играат клучна улога во обезбеденоста на домаќинствата со храна и се основа на руралната економија работејќи како земјоделци, сезонски работници, но и рурални претприемачи. Ѓоргиевска порача дека е потребно да се истакне потребата од економско јакнење на руралната жена, нејзино поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничката борба против дискриминацијата и традиционалните бариери кои најчесто се пречка за едукацијата и развојот на руралните жени.

Сопругата на Претседателот во обраќањето ја изрази нејзината поддршка и заложба за изградба на родово-сензитивно општество и подеднакво учество на жените од руралните средини во секој животен и општествен сегмент.

На настанот се одржа и јавна дискусија „Улогата на руралната жена во економскиот развој на руралните средини“ и се промовираа успешни приказни за жени од руралните средини и нивните бизниси.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.