Сопругата на претседателот, Ѓоргиевска на свеченото отворање на Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Црвен Крст

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Црвениот Крст на Република Северна Македонија.

Клучни приоритети на Центарот се развој на програми наменети за едукација на пошироката јавност, дестигматизацијата на менталното здравје и зајакнување на резилиентноста на заедницата.

Осврнувајќи се на сложените услови предизвикани од енергетската и економска криза, како и на последиците предизвикани од пандемијата на Ковид-19, Ѓоргиевска во своето обраќање потенцираше дека стресот, стравовите и анксиозноста го нарушуваат менталното здравје, што ја наложува потребата од утеха, сочувство, солидарност, но и професионална поддршка.

„Споделувањето на сопствената мака со обучено лице кое ги разбира проблемите и состојбата може всушност да биде од клучно значење за надминување на личните кризи и спречување на развој на посериозни состојби. Сите повеќе или помалку сме ранливи или кревки, особено во критични ситуации и не можеме да функционираме како засебни острови, без да споделуваме и без да комуницираме меѓусебе“, истакна Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот ја нагласи потребата од институционален, но и индивидуален придонес кон дестигматизација на сите наши сограѓани кои имаат потреба за психо-социјална поддршка.

„Како медицински работник можам да посведочам дека во многу случаи при тешки здравствени состојби, при тешки ретки болести покрај класичната медицинска терапија, суштинска е и потребата од психолошка поддршка. Несомнено не е безначајна и менталната стаменост за позитивен исход при лекувањето на животозагрозувачките болести. Впрочем и нарушувањето на психичко здравје е подлога за развој на различни болести“, рече Ѓоргиевска.

Во рамки на Центарот ќе биде обезбедена советодавна поддршка и врсничка едукација за важноста на менталното здравје, а ќе бидат организирани и тренинг едукации за сите заинтересирани институции — чинители во кризниот менаџмент на државата.

Сопругата на претседателот, Ѓоргиевска во изминатиот период се вклучи во поддршката на иницијативата за отворањето на овој Центар, а волонтираше и на психо-социјалните линии за помош на лицата од ранливите категории, во организација на Црвен Крст на Република Северна Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.