Спремете ја топлата облека – Не чека пресврт со времето

Температури значително под просекот за овој дел од годината, но и северен ветер ќе услови студениот фронтален систем кој од четврток ќе ја зафати нашата држава. Исто така во четврток ќе има зголемена облачност и се очекуваат повремени врнежи од дожд, претежно со слаб до умерен интензитет и од локален карактер.
Денес и утре преку ден ќе биде најтопло, а максимумот на температурите ќе се искачува во интервалот од 28 до 35 степени, додека во четврток ќе бидат во интервалот од 21 до 29 степени. Веќе во петок, максималните температури ќе се искачуваат во интервалот од 16 до 25 степени.
Поради разведрувањето, во сабота ќе имаме многу постудено утро со минимални температури во интервалот дури од -1 до 10 степени во најтоплите предели од државава, додека на високите планини ќе биде уште постудено.
Ниски температури наутро ќе имаме и во недела, како и на почетокот од следната недела, па поради ваквата ситуација, доколку излегувате наутро, од сабота натаму задолжително со вас да понесете топла облека.
Инаку, кога сме веќе кај студениот бран кој ќе не зафати, да информираме дека најновите анализи укажуваат на тоа дека зимата 2019/2020 ќе биде постудена за разлика од изминатите, со почести и посилни студени бранови.

 

Loading...