Средба на претседателот Пендаровски со претставници на германскиот Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг Скопје

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од германскиот Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг Скопје, претставници од управата на Институтот во Хајделберг и Франкфурт и професори од Државниот дуален универзитет од Манхајм.

На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со формирањето на „Хајделберг Факултет во Скопје“, како установа за додипломски и специјалистички постдипломски студии во областите на податоци и компјутерски науки, банкарство, осигурување и контролинг, со што се воведува германскиот дуален образовен систем во Скопје, со теоретска и практична настава по примерот на државниот дуален универзитет од Манхајм.

Германските претставници го информираа претседателот за процесите на евалуација во насока на стекнување на германска акредитација на Факултетот, како и за можностите за основање на германски кампус во Скопје, со цел ширење на германското дуално универзитетско образование во земјите од Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски ја поздрави успешната соработка меѓу Институтот Хајделберг Скопје и Државниот дуален универзитет од Манхајм и изрази очекување дека истата ќе придонесе за унапредување на македонскиот образовен систем.

На средбата претседателот Пендаровски посочи дека размената на искуства и преносот на знаења и практики од најдобрите германски универзитети, претставуваат одлична можност за стручно усовршување и практична специјализација на македонските студенти, додавајќи дека воведувањето на современите концепти на дуално образование е важно за создавање на квалификувани кадри уште во текот на образовниот процес и позитивно ќе се одрази на севкупната македонска економија.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.