Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Сојузот на средношколци

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, кои информираа за досегашните и идни активности во рамки на иницијативата „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“, која во соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски политики е започната мината година.

Претседателот беше запознаен со заложбите на средношколците за реформирање и подобрување на ученичкото организирање. Средношколците информираа за финализацијата на предлогот-законско решение, со кое по првпат во државата ќе се регулира средношколското организирање, а преку кое се предвидува организирање на директни избори од страна на сите ученици во училиштето за нивниот претседател и формирање на совети на ученици.

Претседателот Пендаровски, изразувајќи поддршка за иницијативата за подобро средношколско организирање во државата, истакна дека тоа ќе придонесе кон процесите за создавање на млади лидери, неопходни за развој на демократијата како траен систем на уредување на општеството и политиката за сите генерации во иднина.

На средбата стана збор и за иницијативата на претседателот Пендаровски за вклучување на демократското политичко образование во нашиот формален образовен систем, која е промовирана преку Претседателскиот центар за политичко образование.

Видео материјал:

Инсерти – https://youtu.be/ghS0mp9llwc

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.