Средба на претседателот Пендаровски со министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за надворешни работи на Португалската Република, Жоао Гомес Кравињо, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата беа разменети мислења околу можностите за унапредување на билатералните односи на двете земји, во контекст на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, унапредување на првната рамка и зајакнување на економската соработка, а воедно беше изразено и очекување дека соработката во одбраната дополнително ќе се интензивира во рамки на НАТО. 

Во разговорот, претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната поддршка од Португалија во исполнување на нашата европска агенда и посочи дека со неодамнешното одржување на Меѓувладината конференција во Брисел се означува ново поглавје од евроинтеграцискиот процес што е од огромно значење за Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски посочи дека земјава интензивно се подготвува за скрининг процесот, кој започнува во септември и се очекува да даде пресек за подготвеноста и усогласеноста на македонското и европското законодавство. 

Соговорниците се согласија дека отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и справување со влијанијата од руската агресија врз Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.