Средба на претседателот Пендаровски со Мукхтар Тилеуберди, вицепремиер и МНР на Казахстан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Мукхтар Тилеуберди, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Казахстан, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата беше оценето дека двете држави градат пријателски односи во духот на меѓусебното разбирање и беше истакнато дека постојат можности за нивно унапредување во повеќе сфери од заеднички интерес. Во таа насока, претседателот Пендаровски ја поздрави одлуката за отворање на амбасада на Казахстан во Скопје.

Соговорниците изразија задоволство од економската соработка меѓу двете држави и од одржувањето на првиот состанок на Меѓувладината комисија за трговија и економија во Скопје, кој е од големо значење за зголемување на трговската размена и инвестициите.

На средбата исто така се разговараше за војната во Украина, при што соговорниците разменија мислења и информации за позициите на двете држави во однос на руската агресија врз Украина.

Исто така, на средбата стана збор и за можностите за воспоставување билатерална соработка и во други области, а беше истакната и добрата соработка на мултилатерално ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.