СРЕДБА ОСМАНИ-РИНКЕВИЧ

Својата билатералната посета на Република Латвија, Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи ја заокружи со средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс.

На средба, Османи ги поздрави континуираните заложби на Латвија како дел од  “Групата на пријатели за проширување” за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјална Рига за нашата европска перспектива.

“Eвропската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија” порача Османи, брифирајќи го соговорникот за активностите поврзани со тековниот скрининг процес, како значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Унијата.

Ринкевичс повтори дека Латвија останува силен поддржувач на Северна Македонија, охрабрувајќи ја нашата земја да продолжи со реформите и посветено да ги зајакнува капацитетите како клучен елемент за успешноста на пристапните преговори. Ринкевичс истакна дека Рига високо го цени усогласувањето на Северна Македонија со санкциите на ЕУ како одговор на руската инвазија на Украина, со очекување дека поддршката и соработка ќе продолжи и понатаму.

Двајцата министри се согласија дека во услови на нарушена европска безбедност и зголемување на ризиците од аспект на стабилност и безбедност, како резултат на руската инвазија на Украина која трае веќе цели 8 месеци, неопходни се мудри одлуки, единство и солидарност меѓу сите чинители. Заедничко заклучија дека сојузништвото и обединетоста во НАТO се од примарно значење.

На средба беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските релации меѓу двете земји, како и за мултилатералната соработка, особено во светло на претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година.

Двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Република Латвија, кој ќе овозможи поблиска соработка на експертско ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.