Столтенберг И Порача На Турција: “МОРАМЕ ДА БИДЕМЕ ЗАЕДНО ВО ОВОЈ ИСТОРИСКИ МОМЕНТ!“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг повика во понеделникот вечерта да се земат предвид резервите на Турција за приклучување на Финска и Шведска во одбранбената алијанса.

„Турција е почитуван сојузник и треба да се решат сите безбедносни прашања. Мораме да застанеме заедно во овој историски момент“, напиша Столтенберг во објава на социјалната мрежа Твитер по средбата со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Шведска и Финска најавија дека ќе аплицираат за членство во НАТО за неколку дена, поттикнати од промената на геополитичката клима во Европа по рускиот напад на Украина кон крајот на февруари.

„Турција не може да каже ‘Да’ за членството на Финска и Шведска во НАТО, без навреда, тоа е невозможно“, изјави во понеделник турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој повтори дека двете земји ги поддржуваат „терористичките организации“, вклучително и забранетата Курдска работничка партија (ПКК) во Турција. Ердоган претходно изјави дека „скандинавските земји се рај за терористичките организации“.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.