Тегнета пита

Loading...

За оваа пита ви треба малку повеќе време, ама затоа во неа ќе ужива целото семејство. Рецептот и фотографијата се од нашата читателка Ана Радованац, а таа пак го добила рецептот од својата колешка Јулија.
Вели дека потрошила некое време, ама затоа имале вкусен семеен ручек, една пита со компири и една со преостанатата кисела зелка.
За неа не ви треба ништо посебно, само брашно, сол, вода и зејтин. И за филот, по ваш избор, ако постите, зелка или компири, ако не, можете и јајца со урда.


Состојки:
1 кг брашно
1 лажичка сол
2-3 лажици масло плус масло за попрскување на корите
млака вода (ќе ставате малку по малку додека не го замесите тестото)
Приготвување:
Замесете тесто од состојките и направете 14 топчиња. Растегнете ги малку и намачкајте ги сите со масло, а потоа ставајте ги по две едно врз друго, како на фотографијата.


Покријте ги со проѕирна фолија, а потоа со крпа и оставете ги да одморат 45 минути.
Сите 7 едно по друго, развлекувајте ги со раце врз платнен чаршаф на кујнската маса. Тегнете колку што можете повеќе, полека, од сите страни. Не е важно ако некаде кората ви се скине.
На секоја кора ставајте од филот и виткајте ги. Редете ги во подмачкана тепсија во круг или од секоја направете посебни банички.
Печете ја питата во загреана рерна околу 30 минути.
Кога ќе биде готова попрскајте ја со вода и покријте ја со крпа.

loading...