Топењето на вечниот мраз на Арктикот може да ослободи стари смртоносни вируси

Loading...

Научниците предупредуваат на вознемирувачки појави на Арктикот. Во последните две недели температурите во Сибир достигнале рекордни 38 Целзиусови степени поради невидениот топлотен бран, а истовремено избиле и големи пожари, испуштајќи големи количества јаглероден диоксид во атмосферата.
И додека научниците што се занимаваат со климатските промени размислуваат за тоа дали ваквите крајности претставуваат почеток на застрашувачка нова епоха на високи температури на Арктикот, планетата и понатаму се соочува со пандемијата на Ковид-19.
Во овој клучен момент светот може да се соочи со страшен нов ризик – оној што ги врзува заедно и импликациите на загревачката планета и трагедијата на многу заразна болест.
Научниците велат дека брзото затоплување на Арктикот би можело да ослободи голем број вируси стари десетици, а можеби и стотици илјади години, закопани длабоко во сибирскиот вечен мраз, кои долго време „мируваат“ во замрзната состојба.
Поради брзото загревање, Арктикот се загрева двапати побрзо од остатокот на светот – вечниот мраз сега првпат се топи од последната ледена доба, потенцијално ослободувајќи ги патогените микроорганизми со кои современиот човек досега се нема соочено.
– Идејата дека бактериите можат да преживеат многу долго е прифатена. Останува дебатата за тоа колку долго? Дали милион, 500.000 или 50.000 години – вели Жан Мишел Клавери, виролог од Универзитетот „Аикс-Марсеј“, за веб-страницата на „Гринпис“.
– Постојат екстремно добри истражувања кои велат да, бактериите од вечниот мраз може да оживеат – додава тој.
– Можеме да ги оживееме вирусите од стари примероци на вечниот мраз. Досега не успеавме да одиме над 30.000 години, но во одреден момент ќе го направиме и тоа – вели д-р Шантал Абергел, виролог од истата институција.
Досега истражувачите успеале да ги активираат античките ДНК-вируси, но не и покревките РНК-вируси.
РНК-вирусите вклучуваат болести како шпанскиот грип и коронавирусот одговорен за тековната пандемија. ДНК-вирусите вклучуваат сега практично искоренета болест, како малите сипаници.
Другата закана е од бактериите – во 2016 година епидемија на антракс уби илјадници ирваси.
Д-р Клавери вели дека ризикот не се должи само на топењето на вечниот мраз, туку и на зголемената активност на човекот и животните во области што долго време биле ретко населени.
– Ова е рецепт за катастрофа затоа што тука има луѓе и го имате вирусот кога е свеж. Кога вирусите ќе се ослободат од вечниот мраз во природата, што ќе се случи? Ќе паднат во реката. Изложени се на кислород, што е лошо за вирусите. Изложени се на светлина, што е лошо за вирусите. Така, тие нема да живеат ако за брзо време не најдат домаќин. Ако тие стапат во контакт со соодветен домаќин, ќе се реактивираат. Така што, ако ставите луѓе на место со замрзнати вируси поврзани со пандемија, тогаш овие луѓе може да се заразат и да го реплицираат вирусот и со тоа да почне пандемија – додава д-р Клавери.

loading...