Тренчевска: Соработката со Обединетите нации придонесува за градење на општество на слободни и рамноправни граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на покана на постојаната координаторка на Обединетите Нации, Росана Дуџијак, присуствуваше на одбележувањето на денот на Обединетите Нации.

„Идејата на правдата, слободата и достоинствениот живот се основата на работата на нашата Влада и суштинска цел на Рамката за соработка за одржлив развој помеѓу Северна Македонија  и Обединетите Нации“ рече Министерката на почетокот на своето обраќање.

Таа посочи дека заедничката цел на ова партнерство е трансформацијата на македонското општество во општество на солидарност и овозможување на вистински можности за остварување на целосниот потенцијал на секој човек.

„Ја гарантираме целосната слобода на жените да носат одлуки за сопственото тело при одлуката за раѓање, поддршка за време на мајчинството, поддршка за згрижување на децата и квалитетно образование, олеснување на пристапот до пазарот на трудот, унапредување на работничките права преку социјален дијалог, креирање на нови и подобри работни места и достоинство на трудот“ истакна Тренчевска.

Тренчевска посочи дека Република Северна Македонија, како земја членка на Обединетите нации,  од првиот момент на нејзиното членство, како независна држава ги промовира принципите на Обединетите нации и ги застапува вредностите кои значат мир и напредок за човештвото.

„Оваа наша соработка, со секое ново отворено работно место, секое унапредено работничко право, секое семејство извлечено од сиромаштија, секое дете кое ја добива вистинската шанса да го оствари својот потенцијал, секоја жена кое ја добива шансата да го обликува  општеството, секој граѓанин кој добива систем во кој може да верува и средина во која може да живее, овозможува да бидеме чекор поблиску до целта, македонско општество на слободни и рамноправни граѓани“ истакна Тренчевска на крајот од своето обраќање.

Како дел од одбележувањето беше и изложбата на цртежи изработени од деца на тема климатските промени, воедно беа доделени и признанија во три категории. Од секоја категорија соодветно беа доделени прво, второ и трето место.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.