Уметницата Спасевска: „Допирот има меморија“ е спој на сликарство и поезија за луѓето со оштетен вид да ја доживеат ликовната уметност

Уникатен спој на сликарството и на македонската поезија носи изложбата „Допирот има меморија“ што беше отворена во Младинскиот културен центар, а преку која уметницата Ѓоргина Спасевска им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на едно сосема поинакво ниво. 

На изложбата беа презентирани уметнички дела создадени без визуелни граници, со можност преку Брајовото писмо, лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста на поинаков, единствен и моќен начин. Со допирање на површината на платното се открија зборови, цитати од македонската поезија, кои ја направија конекцијата меѓу зборот и сликата, делото и замислата. 
Дополнително, некои од делата се покриени со тенок слој јаглен, со што со секој допир, луѓето учествуваат во континуираното создавање на уметничките дела. Сликите се изработени во техника акрил на платно, а проектот е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, како дел од програмата „Проект – ЕУ со тебе 2021”.

Уметницата Спасевска истакна дека клучната идеја за овој проект дошла преку чувството за инклузија – да им се помогне на луѓето со оштетен вид да ја доживеат ликовната уметност: 

– Мора да најдеме начин да ги вклучиме во општеството овие ранливи групи. Не само да им ги обезбедиме основните права и заштита, туку и вистински да ги вклучиме, оти тоа сакаат да бидат вистински вклучени. Тоа ми беше главната идеја и многу ми е драго што се реализираше овој проект – кажа таа заблагодарувајќи се на девојката што е нејзина главна инспирација за проектот – Ана Ананиевска. 

Директорот на ликовната програма при МКЦ, Горјан Ѓеоргиев на отворањето истакна дека уште кога го добил проектот веднаш му се допаднала идејата:

– Ѓорѓина Спасевска е уметник затоа што сама одлучила да биде. Веднаш го препознав проектот кога ми го презентираа со Кате и драго ми е што сме дел од него. Допирот има меморија  – секоја личност што некогаш сме ја допреле оставила трага во нашата меморија. На овој инклузивен начин се создава конекција што помага на луѓето со попречености да ја искусат ликовната уметност на едно сосема друго ниво. Сите имаме попречености, некои само не ни се видливи – кажа тој. 

Новинарката Катарина Синадиновска, зборувајќи за своето учество и помош на организацијата на проектот, но и дел од изборот на поезија, кажа дека била фасцинирана од самата идеја и дека овој проект исполнува три главни цели – ја доближува уметноста до луѓето со оштетен вид, ги спојува сликарството и поезијата и праќа силна порака за општествената одговорност на уметникот:

– Уметницата освен што мора да биде здрава, нели, мора да биде и општествено активна креирајќи уметност што ќе ги вклучи сите групи. На изложби и во музеи обично ви велат не го допирајте делото. Ние ве молиме – допрете ги овие дела, апстрахирајте го видот и гледајте со срцето – рече таа.

Спасевска со создавање на уметност се занимава повеќе од 20 години, од кои последните неколку години и професионално. Учествувала на повеќе уметнички настани и изложби, како Дел од иницијативата „Донирај уметност“ каде што беа донирани збирки од повеќе од 70 уметнички дела од Северна Македонија до Грција како солидарност по пожарите во Грција, 2018 година; Саемот за уметност In Situ Саем во МКЦ Скопје, 2019 година; настанот „Запознај го уметникот“ со изведба во живо – создавање уметност, Скопје, 2019 година; дел од групна изложба „Будење“, ноември 2021 година, а аветорка е и на две самостојни изложби – едната како дел од настанот Skopje Design Week во Јавна соба, Скопје 2018 година и самостојната изложба „Femme“, март 2019 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.