Унгарија не попушта за ембаргото за нафта против Русија, бара од ЕУ до 18 милијарди евра

Министрите за надворешни работи на ЕУ не успеаја во понеделникот во обидот да извршат притисок врз Унгарија да го укине своето вето за предложеното нафтено ембарго против Русија, при што Литванија рече дека унијата е „заложник на земја-членка“.

Забраната на Европската комисија за увоз на сурова нафта на почетокот на мај ќе биде нејзина најстрога санкција досега како одговор на инвазијата на Москва на 24 февруари на Украина и вклучува компензација за земјите од ЕУ кои се најмногу зависни од руската нафта, потсетува Ројтерс.

Германија, најголемата економија во Европската унија и главен купувач на руска енергија, изјави дека сака договор за решавање на ембаргото за нафта, за кое вели дека може да трае со години.

Како што се очекуваше, министрите не успеаја да постигнат договор во понеделникот, изјави по средбата шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, а амбасадорите сега имаат задача да преговараат за договор. „За жал, не беше возможно да се постигне договор денеска“, изјави Борел за новинарите, додавајќи дека Унгарија го изнела својот аргумент врз основа на економски, а не на политички грижи.

Некои дипломати сега го наведуваат самитот од 30 до 31 мај како клучен момент во договорот за постепено укинување на руската нафта, веројатно во рок од шест месеци, со подолг преоден период за Унгарија, Словачка и Чешка.

„Уверена сум дека ќе најдеме договор во наредните денови“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Унгарија, најблискиот сојузник на Москва во ЕУ, рече дека сака стотици милиони евра од блокот за да ја ублажи штетата од одбивањето на руската нафта. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Будимпешта не добила нов сериозен предлог од Европската комисија за нафтени санкции откако Урсула фон дер Лајен ја посети Будимпешта пред неколку дена.

„Европската комисија создаде проблем со предлогот, така што очекувањата на Унгарија се оправдани… ЕУ мора да предложи решение: да финансира инвестиции и да компензира за… (предизвикениот) пораст на цените, што бара целосна модернизација на Енергетската структура на Унгарија во износ од 15-18 милијарди евра“, рече тој на Фејсбук.

Борел ги доведе во прашање тие бројки, велејќи дека Сијарто разговарал за многу помали бројки со министрите во понеделникот и дека ембаргото за нафта ги надминува интересите на одделните влади на ЕУ. „Треба да се ослободиме од оваа силна зависност (од руската енергија) што не прави многу ранливи“, рече Борел.

Нафтеното ембарго – веќе наметнато од Соединетите Држави и Велика Британија, кое ќе следи по пет рунди претходни санкции на ЕУ – се смета за најдобар начин за намалување на приходите на Русија од војната во Украина. ЕУ веќе го забрани рускиот јаглен.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.