Филип Петровски: Базата не се слуша веќе подолг период и служи само како бројка

Loading...

Отворено писмо до медиумите, граѓаните на Македонија и членовите на ВМРО- ДПМНЕ во пресрет на веќе компромитираниот и нелигитимен конгрес.
Почитувани,
Чувствувам голема одговорност и должна почит кон секого од Вас и сакам да кажам неколку важни поенти за самиот конгрес, но и генерално за состојбата во која се наоѓа партијата после катастрофалниот пораз на локалните избори.
Одиме со ред, искрена анализа за изборниот пораз и да немаше, и не е прифатена вистинската порака од членството бидејќи со сите сили се октроира иден лидер на партијата. За поразот се виновни неколку луѓе од Извршниот комитет (вклучувајќи го и Мицковски) кои не ја слушаа базата и наметнуваа свои решенија за кандидати за градоначалници. Според моите информации пропуштивме добри кандидати во Гази Баба, Аеродром, Струмица и други градови, наметнувајќи решенија од врхушката, а не од интерната анкета, ниту пак се слушнаа гласните негодувања од базата. Да бидеме искрени, базата не се слуша веќе подолг период и служи само како бројка, а од началството никој не е реално активен од 2014 година. Оваа затвореност трае неколку години.. Зошто се обидувам да ги спојам локалните избори и конгресот, бидејќи и оставката на Груевски е заради тоа.
И, сега, зошто со толкава дрскост и арогантност се обидуваат да наметнат решение како што е Мицковски, а човекот е генерален секретар и втор човек после Груевски во неколку последователни порази. Тој како генерален секретар доживеа пораз на локалните избори, доживеа пораз во Град Скопје како носител на листа, но и во 2016 година на 11 декември како шеф на Републичкиот изборен штаб во Струмица. Нели ќе го тепавме Заев 100:0
И, партиската врхушка собира потписи за него. Ако толку е омилен Христијан, зошто праќа емисари да собираат потписи во негово име, зошто делегатите на сила се викани во еден познат луксузен хотел? Ако толку е сигурен дека членовите го вреднуваат, зошто го користи Спиро Ристовски кој воедно е и организатор на конгресот (и шеф на изборниот штаб во катастрофалниот пораз на локалните избори)? Зошто Христијан не овозможи на терен реална конкурентска борба помеѓу кандидатите ако толку е сигурен во својата победа? Зошто Христијан не се обраќа на членовите што ќе направи како иден претседател во судбоносните моменти за Македонија, ако не на терен, барем на социјалните мрежи, место да шерува линкови од портали?
Да заклучам, лекцијата не е научена, повторно се оди спроти вољата на членството, се наметнува решение кое нема врска со базата, реалноста и вистинската состојба на тереност и реалните барања на членството. Еве ја реалноста, мртво е времето на бели кошули, салонски политичари, профитери и бизнисмени и сепариња во елитни кафулиња, исто така замина и времето на салонски политичари и технократи. Ме боли искрено што во судбинските моменти за Македонија некој се обидува да наметне решение спроти вољата на членството. Зар не е премногу освен што имаме Влада која е спротивна на вољата на граѓаните, ВМРО да има лидер кој е спротивно од вољата на членовите?
Не ли е тоа лицемерие, дрскост и арогантност?
Не ли е тоа непочитување кон самите членови кои во ова невреме испорачаа 350.000 членови?
Зар кожата на неколку луѓе е поскапа од тиа на 350.000 верни членови?
ДОСТА Е, ПРЕСТАНЕТЕ ПРЕД ДА ГО РАСПАДНЕТЕ ВМРО НА ПАРЧИЊА, БЛИСКУ СТЕ ДА НАПИШЕТЕ НЕСЛАВНА ИСТОРИЈА НА ОВИЕ ЧЕТИРИ СВЕТИ БУКВИ И СЕ ДА ОТИДЕ ВО НЕПОВРАТ. ЗАР ВО БЕСКРАЈНО ДОЛГИТЕ ГОВОРИ НЕ СЕ ПОВИКУВАВТЕ НА САМОЖРТВАТА НА СЛАВНИТЕ ИДЕОЛОЗИ НА ВМРО? ОДВАЖЕТЕ СЕ И ОХРАБРЕТЕ СЕ И ЗАМИНИТЕ, ИМА ВРЕМЕ ПРЕД ДА СЕ ЈАВАТ НОВИ РЕФОРМАТОРИ, ИЛИ НЕ ДАЈ БОЖЕ СЕ ПОДЕЛИМЕ НА ДВЕ, ТРИ ПАРТИИ САМО ЗАТОА ШТО НЕКОЈ НЕ ЖИВЕЕ ВО РЕАЛНОСТА… Пред да си заминете, успеавте да го понижите ВМРО дека не е способно да организира конгрес.
Почитувани,
Го подржувам вчерашното писмо на видните партиски функционери во целост и дел ќе си го препишам на мојата храброст и одлучност прв јавно да проговорам за оваа фарса. Имав и закани и притисоци, но ја кажав вистината. Им честитам и на храброста на потписниците од вчера кои се одважија да го кажат тоа што јас веќе го говорев неколку недели предходно. И, на крај, до членовите, Главата горе, без гајле, ќе изберете лидер Вие, а не неколку луѓе од врхушката, не се грижете, повторно ќе ги отвориме штабовите за Вас, повторно ќе се чуе вашиот глас.
Членовите се силата на партијата, а не истрауматизирани и уценети делегати. Ќе избереме заедно лидер со нова доктрина, стратегија и платформа за новите предизвици кои доаѓаат за нашата татковина. Затоа што новиот лидер на ВМРО ќе ја крои судбината на Македонија во пресрет на можното сценарио за промена на името, јазикот и црквата. Ова се историски моменти за татковината.
Од денес продолжувам да ја пишувам мојата програма, мојата визија за да Ви се преставам на Вас.
После ова отворено писмо повторно ќе ги слушаме истите бедни спинови како јас сум бил во друга партија, или сум формирал своја партија… па да, тоа е за мене комплимент, значи сум го кревал гласот секогаш кога не сум се сложувал, исто како и сега… затоа и сум релевантен ова да го кажам, никогаш не сум молчел за разлика од некои послушници и кариеристи и клиентилисти. Ме направија и радикал зошто јавно кажав со кои чекори ќе се борам за притворените браќа и сестри, патриотите од 27 април и ми замерија дека ќе сум блокирал институции, не грешка се, не ме разбрале, ќе ја блокирам цела држава првиот ден кога ќе бидам избран за лидер на партијата се додека и последниот патриот не биде на слобода. Ќе барам меѓународна истрага за 27 април.
Можам мирно да спијам, гостувам и во телевизии каде што врхушката има страв од незгодни прашања, водам модерна кампања и на социјалните мрежи, постојано сум на терен, бев единствен кандидат кој јавно презентираше нови проекти. Ги повикав сите кандидати (и Мицковски) на ТВ соочување.
Имам убав сон, зошто ја сонувам Македонија, не сум уценет, не се води постапка во СЈО за мене, и немам хидроцентрали и не сум бил вклучен во бизниси за струја и сл. Оваа непријатност во партијата брзо ќе заврши, мој вистински непријател е полициската хунта на СДСМ
Да живее новото ВМРО-ДПМНЕ,
Ваш д-р Филип Петровски

Следете не на Фејсбук. Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!! За 5Г контроверзата ПРОЧИТАЈТЕТУКА.
loading...