Црешите се едно од најздравите овошја, но можат да бидат опасни ако ги консумирате на овој начин

Овие денови, кога е во тек сезоната на цреши, многумина обожуваат да ги консумираат, но поединци не ги фрлаат семките туку ги голтаат. Колку тоа може да биде опасно, објаснува гастроентерологот д-р Владислава Булат.
„Било кои семки од овошје, и кај младите, а посебно кај постарите, можат да направат голем проблем во гастроентеролошкиот тракт. Имено, со годините поради слабост во мускулите се јавуваат проширувања во дебелото црево, како џебови, во кои семките можат да останат и тоа обично се решава по хируршки пат“, вели д-р Булат.
Притоа, тоа не е единствениот проблем кој семките можат да го предизвикаат.
„Семките не можат да се сварат и, ако некој има било каков проблем со слабо варење, тие подолго се задржуваат и можат со текот на времето да набабрат и да направат проблем“, објаснува докторката.
Сите добри страни на црешите
Во 100 грама свежи цреши во просек има 32 калории, 82 гр. вода, 0,2 гр. масти, 1 гр. протеини, 16 гр. јаглехидрати, 12 гр. шеќери и 2,1 гр. влакна. Црешата ги содржи сите витамини и минерали, иако во помали количини, како и целулоза, пектин и органски киселини.
Ова овошје е богато со калиум и затоа добро делува на излачување на вода од организмот. Поради тоа, но и фактот дека не содржат масти, црешите се идеални за одржување на витката линија или слабеење. Затоа слободно јадете ги помеѓу оброците или користете ги во овошни салати.
Црешите се богати со антиоксидант антоцијанин кој е корисен во борба против проблемите вообичаени во средните години, вклучувајќи гихт и артритис. Гихтот, кој главно ги погодува мажите, е поврзан со повисоки нивоа на мочна киселина, која формира кристали во внатрешноста на малите зглобови.
Истражувањата покажуваат дека кај лицата кои јадат 200 грама цреши, стапката на излачување на мочната киселина пораснала за 60 отсто. Затоа, за да го решите овој проблем јадете 10-тина цреши или пијте чаша незасладен сок од цреши 3 до 4 пати дневно.
Консумирајте ги и свежи со јогурт, за да се обезбеди апсорпција на сите корисни витамини.
Флавоноидите, особено оние во црешите, се природни антивоспалителни средства кои ги ублажуваат симптомите на алергија и астма. Воедно го поттикнуваат и лачењето на колаген, градежен елемент на сврзните ткива како ’рскавици и тетиви.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.