Црногорско Министерство: Лавров доби забрана за летање согласно одлуката за санкции

Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека одлуката за забрана на прелетување на руски владини авиони, со кои рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров требаше да отпатува во Србија, е донесена врз основа на одлуката со која Црна Гора се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија, поради агресијата врз Украина.

„Во согласност со оваа Одлука (за воведување санкции кон Русија), а имајќи предвид дека Црна Гора е 100 отсто во согласност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Црна Гора не дозволува руски авиони да летаат над нејзина територија, освен во наведените исклучоци, не можеа да го земат предвид во овој случај“, се вели во соопштението.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа посетата на Србија закажана за понеделник и вторник, откако Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија забранија на руските владини авиони да летаат над нивните територии.

Кремљ таквиот потег на три европски земји го опиша како „непријателски чин“ и рече дека „таквите непријателски чинови можат да предизвикаат одредени проблеми“.

Црногорското министерство потсети дека одлуката за воведување санкции против Русија е донесена на почетокот на април и дека таа се заснова на Законот за меѓународни рестриктивни мерки.

Во одлуката се наведени исклучоци од забраната за руски авиони да летаат над Црна Гора, а се однесуваат на случаи на принудно слетување и прелетување и за хуманитарни цели.

Се истакнува дека службите на министерството поединечно го разгледуваат секое барање за лет, а наведуваат дека „со приклучување кон рестриктивните мерки на ЕУ и нивното спроведување не се доведуваат во прашање дипломатските односи меѓу двете земји“.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.