Црн хумор или само забава? Распродадени лото ливчињата со бројот на корона кризата

Loading...

Љубителите на игрите на среќа во Шпанија ги разграбаа ливчињата од традиционалната божиќна лотарија со броеви поврзани со коронавирусот, а меѓу првите беше и бројот што го означува датумот на почетокот на епидемијата во земјата.
Повеќето учесници во лотаријата се определија за бројот 14.320, што го претставува датумот 14 март 2020 година, денот кога во Шпанија првпат беше прогласена вонредна состојба поради коронавирусот.
„Тој број е целосно распродаден“, рече Боско Кастилјехо, продавач во најпознатиот продажен салон „Дона Манолита“. Пред овој мал објект во срцето на Мадрид со недели може да се видат редици од десетици луѓе, а откако во јули беа пуштени во оптек броевите, „датумот на вонредната состојба“ се разграба за миг.


„Луѓето масовно ни се јавуваа и прашуваа за 14.320. На почеток не ни беше јасно зошто сите инсистираат на тој број, сè додека не прашавме еден клиент. Тој ни објасни што значи тој број“, објаснува Кастилјехо.
Веќе во првата недела од јули, тоа беше најбараниот број.
„Дона Манолита“, местото каде што главната награда во Шпанија била извлечена најмногу пати во историјата, имаше 60 такви броеви во понудата.
„Ги распродадовме во првите два дена. Слична е состојбата и во остатокот од земјата. Уште нè прашуваат за тој број секој ден“, рече Кастилјехо.
Имаше 1.720 ливчиња со тој број во цела Шпанија и сите се распродадени, а во случај тој да биде добитниот, луѓето со ист број ја делат наградата.
Шпанската лотарија е најголема во светот затоа што традиционално ја играат голем број луѓе, па така колеги од работа, љубовни двојки, пријатели, цели семејства купуваат заедничко ливче, а потоа сите го следат извлекувањето на телевизија.

loading...