ЦУЦУЛОВСКИ: ВИРТУЕЛИЗАЦИЈА

Loading...
Кога ќе се спомне романот „1984“ од Џорџ Орвел првата асоцијација е Големиот Брат, кој сѐ гледа, сѐ слуша и сѐ контролира, налик на сеприсутниот Бог. Наредната асоцијација е отсуството на какви било фиксирани вредности, кои би гарантирале некаква сигурност/извесност, некаков морален ориентир, околу кој би се изградувал/осмислувал животот. Наместо тоа, во романот важи тезата дека војната е мир, а мирот војна; дека слободата е ропство, а ропството слобода; дека…
Таму, исто така, сѐ е математичко определено, налик на Единствената Држава на Змајтин. Животот е рутинизиран и подреден на Државата, на Големиот Брат и безгрешната Партија. Меѓутоа, колку и да се безгрешни, сепак се грешни. Тоа што го ветувале не го оствариле; тоа што се остварило не било ветувано. Затоа, црното никогаш не смее да биде само црно, ниту белото само бело. Ветеното, исто така, не било ветено и обратното – неветеното било ветено.
„Тоа налага, пишува Орвел, постојано менување на минатото.“ Што значи, на историјата. За таа цел, потребно е постојано да се влијае врз свеста на граѓаните, од една страна и, од друга, потребно е „… статистичките податоци и документацијата од сите видови непрекидно да се ажурираат… На тој начин, историјата секогаш се пишува одново“, без граѓаните тоа да го приметат.
Се разбира, тоа е огромна и макотрпна работа (во државните институции, во министерствата, во архивите, библиотеките или училиштата) секојдневно да се повлекуваат оние документи, книги или учебници, чии содржини и факти не се во согласност со сега-важечките и на нивно место да се ставаат нови, корегирани „податоци“ или „интерпретации“. Значи, не се работи за уништување на пишаното воопшто, како во „Фаренхајт 451“, туку за негова замена со соодветна содржина. Што значи, дека потребата од документи, книги, учебници… постои, за да може и минатото да постои, меѓутоа променето во согласност со сегашните потреби. Притоа, од минатото не смее да остане ништо што е дисонатно напишано, бидејќи би можело да се спореди со новопишаното и да се утврди дека е фалсификат.
Затоа, сѐ што е старо мора да се повлече и уништи и на негово масто да се постави новопишаното. Мачна е тоа работа, особено ако се земе предвид дека станува збор за класични, материјални, физички документи или учебници. Меѓутоа денес, во времето на дигитализација, тоа е поедноставно до крајност. Доволно е само мал, лесен „клик“ и сѐ што дотогаш важело да го снема, да се избрише, а на негово место да дојде новата дигитализирана вистина, новата дигитализирана доктрина, новата дигитализирана историја. Ништо не останува такво какво што било и таму каде што било. Сѐ станува виртуелно, освен самата виртуелност, која сѐ повеќе преминува во цврста стварност. Наместо стварни, се добиваат виртуелни луѓе, кои живеат во виртуелни системи, држави, улици. Оттука и мојата резерва кон насилно форсираната реформа на образованието, вклучувајќи ја и дигитализиацијата на дел од учебниците, бидејќи се започнува полека, со навидум безначаен чекор, потоа сето тоа преминува во неконтролирана трка.
Меѓутоа, се чини, дека самата виртуелност, самиот привид, останува занавек. Поточно, дека некој би сакал да биде така. Сепак, едно се желбите, друго се стварните резултати. За среќа, Вистината ја има моќта на невидливата кртица – после долго, мачно и незебелжливо риење под земјата/мракот да се пробие и избие на површината, облеана од светлината на денот.
Македонските власти, колку и да си вообразуваат дека се семоќни, дека пред себе имаат само будали, мора ова да го имаат предвид, бидејќи техниката и технологијата колку и да помагаат, толку и да одмагаат. Пред нив ништо не може да остане сокриено.
П.С. Текстот е надополнување на вчерашниот пост – за злоупотребата на техниката.
* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...