Шакира ќе пее на отворањето на мостот меѓу албанскиот и српскиот дел на Митровица

Градоначалникот на Митровица Агим Бахтири вети дека на отворањето на мостот кој го дели градот на албански и српски дел ќе донесе една од ѕвездите на светската забавна музика, а денеска обелодени дека планира тоа да биде пејачката Шакира, јави дописникот на МИА од Приштина.
Бахтири во изјава за „Газета Експрес“ вели дека гостувањето на славната Колумбијка нема да ја чини неговата општина „ниту еден цент“, затоа што, според него, во интерес на Шакира, како и на другите изведувачи, е да учествуваат на овој настан.
– Нема да има средства издвоени од буџетот на општината за финансирање на концеротот, затоа што е во нивен интерес да дојдат тука, на овој величествен настан, изјави Бахтири, нагласувајќи дека мостот ќе го носи името на пејачката која ќе одржи концерт на неговото отворање.
Приштинскиот портал напоменува дека, според „БизнисИнсајдер“, Шакира е една од најплатените музички ѕвезди во светот и за секој нејзин концерт наплатува хонорар во висина од 1 до 1,5 милиони евра.


Бахтири не знае да каже кога ќе биде отворен мостот на реката Ибар, но вели дека „Шакира е едно од имињата“ на кои смета, а во комбинација се и други музички ѕвезди од Англија и Европа.
Идејата на градоначалникот на јужниот дел од поделениот косовски град ја поддржува вицепремиерот Беџет Пацоли, чија партија Алијанса Ново Косово (АКР) го кандидира Бахтири на последните локални избори. Меѓутоа, тоа не му се допаѓа на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој смета дека има преголеми тензии на местото каде што Бахтири планира да организира спектакуларен концерт.

Loading...