Јапонија е прва, Македонија – 47-ма: Најмоќни пасоши за 2020-та и колку земји може да посетиме без виза?

Loading...

Без разлика дали сакаме да го прифатиме ова или не, но нашите пасоши се спроводници до остатокот од светот. Тука играат многу фактори, некој е привилегиран што поседува одреден вид на пасош, а друг е „казнет“.
Обично парче хартија поседува голема моќ и на некои среќници им дава пристап до кое и да сакаат место во светот, а на останатите им ја ограничува слободата на движењето и претставува голема пречка со која се соочува модерниот човек.


Еве, веќе е 2020 година и го имаме глобалниот извештај за мобилност со која се испитува моќта на пасошот на секоја нација. Интересно е што на ранг-листата, држави од Азија стојат на самиот врв, а европскиот пасош се спуштил малку подолу.
Годинава, првото место ѝ припаѓа на Јапонија, пасошот овозможува посети во дури 191 држава и се однесува на земји за кои не е потребна виза или истата можат да ја подигнат при пристигнување.
На второ место е пасошот на Сингапур со пристап до 190 држави, а по овие две земји, на листата следуваат Германија и Јужна Кореја со можност да посетат 189 држави.
Финска и Италија пак, можат без виза да посетат 188 држави.
На петто место се наоѓаат Данска, Луксембург и Шпанија со можност да посетат 187 држави.
Ако веќе толку сакате да знаете… Македонија се наоѓа на 47-мо место и без виза може да посети 123 држави во светот, а кога ќе подразмислиме и не е толку страшно. Тука може да ја видите листата со земји кои можеме да ги посетиме со нашиот пасош.


Од регионот, над нас со помоќен пасош на листата се најдоа Грција со моќност за посета на 184 земји, Словенија со пристап до 180 држави, Бугарија со 171, Хрватска со 169, Србија со 133 држави и Црна Гора, едно место пред нас, со безвизен пристап до 124 држави.
На пример, постојат држави како Пакистан и Сомалија кои можат да посетат само 32 држави, по нив следува пасошот на Сирија со 29 држави, Ирак со 28 земји…
На последно, 107-мо место се наоѓа Авганистан со безвизен пристап до само 26 држави.
Списокот е навистина долг. За подетален преглед и повеќе информираност, посетете го сајтот The Henley Passport Index.

loading...