Јованка Броз: Сакаат да го сокријат она што го знам заради мирот меѓу Србија и Хрватска

Loading...

Вдовицата на Јосип Броз Тито, во интервјуто за „Вечерње новости”, изјави дека со години е застрашувана и исцрпувана бидејќи некои тајни од времето на Тито „сè уште се жешки” и има уште од оние кои тоа сакаат да го сокријат, за да владее слога меѓу Србија и Хрватска.

Во интервјуто што „Вечерње новости” го објавуваат со ознаката 'ексклузивно', Јованка Броз тврди дека неодамнешната кражба во вилата во која живее, во елитната белградска населба Дедиње, не е случајна бидејќи меѓу украдените вредни работи, недостасуваат и некои нотеси.
„Не ме ограбија обични крадци, туку луѓе што точно знаеле што бараат. Нив ги испратиле оние што се борат против работите што ги знам и на кои сум сведок низа години што ги поминав крај Тито”, рече Јованка по кражбата во вилата која, по смртта на Тито, како 'привремено сместување' пред три децении и ја додели државата.
„Не е вистина дека од куќата ништо не е украдено, како што е објавено. Ми украдоа ваза Минг, свадбен подарок од покојниот кинески претседател Мао Це-тунг. Сè уште не сум утврдила што точно недостасува, но засега сигурно знам дека ми е украден накит, пари, но и белешки. Украдена е преписката со некои важни личности, на пример со Цвијетин Мијатовиќ и генералот Долничар, кој по три и пол години откако бев истерана од домот, не ми ја врати облеката”, наведува вдовицата на Тито.
Констатирајќи дека со години 'живее како мора и како другите сакаат', тврди дека со децении е подложена на заплашување и исцрпување, бидејќи некои тајни од Титовото време се 'жешки'.
„Безбедносните сили, по налог на некои луѓе, не дозволуваа било каква информација да излезе од тука, со децении. Па и во логор беше полесно, бидејќи таму некој доаѓа и си заминува, а јас 30 години минав во самица”, изјави Јованка, додавајќи дека кампањата на притисоци сега повторно засилува, бидејќи во тек е оставинска расправа.
Но, Јованка Броз не наведува конкретни имиња, убедена дека зад кражбата стојат луѓе 'кои играле валкани игри во последните години од живото на Тито, а некои од нив и денеска се живи и моќни', пишуваат „Вечерње новости”.
„Преку мојот грб се пресметуваа со Тито, обвинувајќи ме дека правам заговор против него со Ѓоко Јованиќ и личките генерали. Успеаја да нè раздвојат и изолираат. И мене и Тито. Практично не испратија во еден вид прогонство. Потоа Стане Доланц, генералот Никола Љубичиќ и останатото друштво сплеткареа и правеа што сакаат”, рече Јованка Броз, додавајќи дека некои сега би сакале тоа да го сокријат.
„Е сега некои би сакале тоа да не се дознае, сè да се заташка и да се сокрие за да владее слога меѓу Србија и Хрватска, а и некои Словенци кои учествуваа во тоа. Мислам дека тоа не е добро. Ако сакаме да имаме добри и пријателски односи со Хрватска, некои работи треба да се расчистат”, оценува Јованка Броз во интервјуто за „Вечерње новости”.
Таа избегна директен одговор за какви хрватско-српско-словенечки тајни станува збор.
„Оној кому ова му го кажувам – ќе разбере”, истакна Јованка, тврдејќи дека била сведок на настанот од 1945 година и она што се случувало над српскиот народ во Хрватска и дека по 50 години, таа 'насобирана неправда еруптирала како вулкан'.
„Сегашната ситуација со Хрватска ме потсетува на тоа време, кога се бара заради мирот да прејдеме преку 'Олуја' и сè што се случуваше. Мислам дека тоа не е во ред кон идните генерации и дека работите треба да се расчистуваат додека постојат живи сведоци”, нагласи Јованка Броз.
Таа тврди дека нејзиниот прогон започна од времето на смртта на Тито, кога првата официјална комисија запечати некои работи во кабинетот на Тито, а дека потоа 'и ставиле пиштол под грлото и ја исфрлиле во куќата во која сега живее'.
Титовата вдовица потсетува и дека судот неодамна утврдил дека врз неа е извршено казнено дело бидејќи е лишена од наследство, иако ниту била разведена, ниту осудувана, а верува дека кражбата во нејзината куќа е поврзана со оставинската постапка што е во тек.
„Во целата игра мене ме тераа да се тужам со Титовите синови, но јас тоа не го сакав бидејќи тие не се виновни за ова грабање од мене”, рече Јованка Броз во интервјуто за „Вечерње новости”.
Српскиот претседател Томислав Николиќ на почетокот на февруари се согласи да биде отворен трезорот во Народната банка на Србија во кој се наоѓа оставината на Тито. Во трезорот, како што претпоставуваат адвокатите, во 11 вреќи би требало да биде сè што е затекнато во Ужичка 15 на Дедиње по смртта на Маршалот, а меѓу другото, шесте последни претседателски плати, авторски хонорари за книги, како и нешто злато и накит.
Но, медиумите со години шпекулираат дека добар дел од оставината на Тито, посебно уметничките дела и бројните подароци што ги добивал од светските лидери, е опустошен, а многу скапоцености исчезнале. Проценките се дека станува збор за вредност од десетици милиони долари.
Макфакс
Вдовицата на Јосип Броз Тито, во интервјуто за „Вечерње новости”, изјави дека со години

loading...