Фросина Фран Ангеловска е моден дизајнер и стилист и едно од водечките имиња од плуссајз моделите кај нас, позната по тоа што ги ги руши стереотипите околу убавината на женското тело. INGOT FLOW е најновата колекцијата вечерни тоалети на Фран која во основата има светкави материјали и елегантни и префинети линии. Јавноста ја нарекува уште и македонската Ешли Грахам која на светско ниво меѓу првите ги урна сите стереотипи за „Убавото“.
Убавото нема врска со големината. Убавото е убаво заради самото себе. Заради чувството, заради енергијата.
Вреќасти модели, доминација на црно и кафено, избегнување на патерни се најголемите грешки кои ги прави модната индустрија кога креира линии за покрупни дами, истакнува Фран.
Таа додава дека сѐ што е убаво треба да се истакне, без разлика дали се работи за бујно деколте, струкче или прави нозе…
„Ако си крупна не мора да значи дека не треба да си убава!“, потенцира Фран.
Во основа на модата е промената. И како таква треба постојано да се менува и надградува со оглед на општествените промени и промените на свеста. Разбирањето на модата треба да придонесе за разбирање на нас самите и нашето дејствување во општеството. И во модата мора да постои инклузивност нагласува таа.
„Влегуваме во една доба каде што се напуштаат стереотипите и се повеќе се инволвирани плус сајз дамите во модниот свет, во секојдневниот живот, во кампањи, во избори, лани имавме плус сајз кандидатка за мис, така што мислам дека е време луѓето да сфатат дека е тоа составен дел од различностите што го прават секој човек убав!“, вели Фран.
Иако естетиката треба да биде суштина на самата мода сепак со текот на годините таа отпаѓа и едноставно потребата нешто да биде „ново” станува одлучувачки фактор. Модата нема крајна цел кон која тежнее. Таа постојано прави површински промени и со самото тоа таа е во постојана игра меѓу заборавот и сеќавањето. Зошто здолништата стануваат кратки ? Затоа што претходно биле долги. Зошто стануваат долги? Затоа што претходно биле кратки. Модата нема длабока философија освен заради самата себе што бара постојана промена, која пак повлекува низа други побарувачки во ова потрошувачко општество во кое живееме.
Настрана ова, тука се и трендсетерите што слепо ја следат истата без разлика дали им прилега или не. Има една важна работа поврзана со модата. СТАВОТ! Не е само да облечеш, треба да знаеше да го носиш. Тоа е поврзано со одот, со перцепцијата на самиот себе, со начинот на однесување. Се е во игра! Токму затоа и жените со облини кои немаат проблем со прифаќање на самите себе се вклучени во светот на модата, како носители на убавото кое што претставува заеднички именител во модната индустрија.