Андоновски: Зголемен бројот на трансакции на националната платформа за интероперабилност за 20%

Стеван Андоновски, министер за дигитални промени, беше гостин на Македонско Радио – Радио Скопје, каде што сподели информации за платформата за интероперабилност, која, според него, доживува раст на изведени трансакции. Тој изјави дека во првите месеци од 2025 година, бројот на трансакции извршени преку националната платформа бележи зголемување од 20% во март, во споредба со просечниот број трансакции изминатата година. Во 2024 година се реализирани 8,5 милиони трансакции, преку платформата која опслужува повеќе од 50 државни органи и околу десет приватни фирми. Во март оваа година, бројот трансакции нарасте до 900.000, што е за 20% повеќе во однос на просекот од предходната година.
Андоновски нагласи дека платформата за интероперабилност има клучна улога бидејќи овозможува ефикасно поврзување и размена на податоци меѓу различните државни институции и приватниот сектор. Информациите и документите се разменуваат на стандардизиран и безбеден начин, што значително го подобрува протокот на електронски информации, потребни за давање на јавни услуги по мерка на граѓаните и компаниите. Протокот на информации преку платформата значително го намалува времето потребно за обработка на информациите меѓу институциите, што транспарентно придонесува кон подобрување на услугите нудени на граѓаните и компаниите.
Министерот посочи дека меѓу најактивните корисници на платформата се Царинската управа, Народната банка и Министерството за внатрешни работи, како и дека се значајни и придонесите на услугите од Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk. Исто така, активноста е зголемена и од страна на Министерството за социјална политика, комисијата за спречување на корупцијата и Агенцијата за вработување. Придонесот на националната платформа за интероперабилност во користењето на податоци од страна на законски овластените приватни субјекти е исто така значаен, бидејќи е дозволено без дополнителни трошоци.

Пронајдете не на следниве мрежи: