Град Скопје поднесе 20 проекти на огласот на владата меѓу кои и за набавка на 95 еко автобуси

Град Скопје со 20 проекти аплицираше на јавниот повик на Владата за доделување на помош на општините. Меѓу проектите кои се поднесени е и набавка на 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси, како и нови возила за скопската Пожарна.

„Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско-Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за надградба на постојната градежна механизација“, соопштија од Град Скопје.

Од областа на комуналните дејности, поднесени се проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.

Од Градот велат дека аплицирале и со проект за дигитализација и информациски технологии, со кој ќе се воведе за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија во градот.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека досега на огласот со проекти аплицирање десет општини.

Огласот завршува утре, по што ќе се следи постапка за избор на проекти кои ќе добијат пари од државниот буџет.

Пронајдете не на следниве мрежи: